Растев во Скопје со бурек и ајвар, а сега живеам во Бразил – на кои работи ми беше чудно да се навикнам?

Кафе,самба, коктели, сонце и плажа се првите синоними кога ќе помислиме на Бразил, тропскиот рај во Јужна Америка. Прекрасните, долги, песочни плажи и белите дробови на нашата мајка земја, Амазонија, заедно со ритамот на сензуалниот танц и лудиот карневал, го ставаат Бразил на листата на најпосетувани туристички дестинации.

rastev-vo-skopje-so-burek-i-ajvar-a-sega-zhiveam-vo-brazil-na-koi-raboti-mi-beshe-chudno-da-se-naviknam-01.jpg

Велат дека Сао Пауло е градот кој никогаш не спие - со бурен ноќен живот, а фантастичниот Рио е доживување за сите сетила, од старите плантажи за кафе до прекрасните плажи и магични задијсонца.

Го засакав Бразил додека го запознавав крстарејќи по неговото крајбрежје како фотограф за луксузна бродска компанија. Но, во последнава година ја запознав другата страна Бразил, или јас, во улога на домаќинка во мал град во внатрешноста на Сао Пауло.

Моите уживања на плажите и баровите ги заменија пазарите и маркетите, а наместо да пробувам нови коктели, пробувам нови рецепти од бразилската кујна, обидувајќи се да се навикнам на новите намирници, вкусови и ароми.

Растена во Скопје, со бурек или ајвар за појадок, чорби за ручек и лесни оброци за вечера, бразилската кујна ми дојде како вистински шок, со многу нови намирници, навики и традиционлни јадења.

Почнувајќи од кафето до богатите оброци за ручек и вечера со ориз и грав до десерти со кондезирано млеко, многу нови нешта, рецепти и рутини кои полека ги откривам или пак им додавам свој македонски шарм.

Црно и само црно кафе

Бразил е најголемиот производител на кафе во светот, во огромни плантажи и долга традиција, но она што мене ми беше чудно е што Бразилците пијат само црно силно кафе, едноставно и топло.

За мене нема ништо подобро од благо, превриено, турско кафе за почеток за денот, ладно нес кафе со многу чоколаден прелив и мраз во лето или топло капучино во вкус на ванила во зима, но во Бразил ретко кој пие ладно кафе.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-02.jpg

Кога им нудам ладно кафе или со млеко, ме гледаат како од Марс да сум паднала. Традиционално тие пијат кафе со малку шеќер во мали стаклени шолјички, а го прват во термоси да трае скоро цел ден.

Дури и во најтоплите денови кога термометарот се искачува до 50-тиот степен, Бразилците пијат топло кафе. И иако дома имаме кафемат, мојот Бразилец пие кафе само направено со филтер, а кога е во Македонија на гости воопшто не пие кафе.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-11.jpg

Леб само за појадок

Во македонските домаќинства не смее да недостасува леб, за појадок, ручек или вечера, додека во Бразил леб јадат само на првиот оброк од денот. Тоа ми беше малку чудно, но тоа се нивни навики.

Имаат различни типови на леб, а најмногу јадат француски леб, иако се само крцкави лепињи, а не багет како што јас очекував. Понекогаш јадат леб за ужинка во попладневните часови, но речиси никогаш за ручек и вечера.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-03.jpg

Ориз и грав, ориз и грав, ориз и грав

Во основата на бразилската кујна се оризот и гравот, и тоа и за ручек за вечера. Во Скопје или јадеме ориз или грав, посебно гравче тавче во петок, но никогаш заедно, па затоа оваа комбинација ми беше навистина чудна на почетокот.

Искрено, ми се здосади секој ден да готвам ориз и грав. Бразилците јадат бел ориз сварен само со малку лук и кромид, а гравот е кафеав или црн, со малку кромид, пиперки и сол.

Едноставно и лесно, ама за мене малку здодевно. Повеќе јадат црн грав, додека во нашиот дом се јаде кафеав, и секако, правам гравче тавче. Гравот Бразилците го варат во тенџере со притисок, и тоа ми беше вистински кошмар во првите месеци, а и сè уште ми е страв да не експлодира.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-04.jpg

Кондензирано и млеко во прав

Млекото во прав ми е познато од детските денови, кога Македонија се опоравуваше од комунизмот, а кондезирано млеко првпат видов во Бразил (иако има и кај нас). Тука 90 проценти од десертите се на база на кондезирано млеко или пак млеко во прав, често комбинација од двете.

Бригадеро и бежињо се традиционални колачиња кои се екстемно популарни и благи, обожавани од сите генерации. Во секоја кујна мора да ги има овие млека кои се дел од многу рецепти.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-05.jpg

Кокоси, кокосова вода, млеко и масло

Кокоси, кокоси и кокоси, на секоја страна и во секоја форма, искрено мислам дека Бразилците не пијат обична вода, туку само кокосова вода, која е превкусна и освежителна, особно е кога е ледена. Кокосовото млеко, како и кондензираното млеко е главна намирница за слатки и пецива, а јас сакам некоку капки во моето ладно кафе.

А кокосовото масло е во сите продукти на нега на кожата и косата, и од искуство велам дека е соврешено за хидратација, а и одлично мириса. А традиционален бразилски деликатес е риба со кокосово млеко.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-06.jpg

Попладневно кафе – омилена бразилска традиција

Попладневното кафе или café da tarde е мојата омилена бразилска рутина која со задоволство ја практикувам. Бидејќи се навикнати рано да ручаат, во 12 часот, попладневното кафе или ужинка е задолжителен оброк, обично по завршетокот на работното време.

Ручаат на работа, па ужинката и вечерата се време за собир на семејството. Најчесто е едноставна торта или солени печива со свежо кафе или лимонада.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-13.jpg

Вечерни пазари со свежи продукти

И додека во Скопје рано стануваме за да одиме на пазар, тука е спротивно. Бидејќи преку ден е навистина топло, бразилските пазарчиња се навечер, и тоа откако сонцето ќе зајде, за плодовите да останат свежи што подолго.

Иако веќе една година Бразил е мојот дом, сè уште ги откривам сите вкусови кои ги нуди, и овошје и зеленчук. Тропското и егзотично овошје плени со својата арома, а има толку многу опции, што немав време сè да пробам. Обожавам да пазарам и да пробувам нови вкусови, а меѓу омилените манго, маракуја и папаја.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-08.jpg

Кока Кола во шишиња што се враќаат

Навистина се вратив наназад во времето, околу дваесетина години наназад, кога видов дека сè уште тука се продава сок во шишиња со кауција.

Се сеќавам дека порано купуваме Газоза и Пелистерка во стаклени шишиња, а тука се продаваат Кока Кола и Фанта во пластични шишиња кои се ре-употребуваат.

И тоа влијае на цената. Кока Кола од два литра е од 8.50 до 10 реали (помалку од 2 евра), но во шише со враќање е од 4.50 до 5.50 реали (помалку од 1 евро). Оваа практика иако е заборавена кај нас, тука е навистина честа.

Brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-09.jpg

Зависни од достава

Храна со достава до дома е една од најбараните во Бразил, доставувачите со мотори се едни од најопасните во сообраќајот. Од пица и брза храна, суши и тестенини, до сладолед и домашно подготвени оброци, понудата е голема, а побарувачката уште поголема.

Продажба на јајца, овошје и зеленчук од автомобили

Дефинитивно најголемиот шок ми беа мобилните продавници на јајца, овошје и зеленчук директно до багажникот на автомобилите.

Познати како carro de ovo или автомобили со јајца, буквално, продваат јајца на улица пред вашиот дом. Бидејќи живееме во мал град опколен со многу фарми и земјоделци, тие доѓаат во градот да ги нудат своите свежи продукти.

Лошо е што за да привлечат внимание користат силни звучници во осум часот наутро, па нема многу спиење.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-12.jpg

Од оваа година помината во Бразил почувстував колку е голема култураната разлика , различни навики во секојденвниот живот и вкусови кои сè уште ги откривам, но тоа го прави моето живеење овде уште поинтересно.

Се обидувам да ги научам нивните традиции, но и да ги споделам моите, македонски, иако понекогаш е навистина тешко да се најдат соодветни намирници.

И иако откривам многу нови одлични вкусови и комбинации, сепак нема ништо подобро од ајвар и биено сирење со планински чај. Додека пак, во жешките бразилски денови обожавам да се насладам со овошни коктели, а за на нив прва опција секогаш е пивото.

brazilski-nesekojdnevnosti-crno-kafe-leb-samo-za-pojadok-i-mnogu-kokosi-10.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: приватна архива

Би можело да ве интересира:

Најчести грешки во различни земји поради кои локалците веднаш ќе сфатат дека сте туристи Во Јапонија не е културно да се јаде на улица, жените во Турција на прекрстуваат...
Попај навистина постоел, но не бил морнар и не јадел спанаќ - Како настанал омилениот цртан лик? Вистинскиот Попај бил силен, храбар и обожавал деца, но не бил морнар и не јадел...
Зелен чај против лош мирис и уште 6 трикови со кои чевлите ќе ви бидат удобни и ќе личат на нови Долгото одење или стоење во салонки не е секогаш пријатно. По некое време п...
5 потсетници кои ќе ви помогнат полесно да ги прифатите големите (и неизбежни) животни промени Не заборавајте дека промените ни помагаат да созрееме, но и дека секогаш ни носа...
Ретро кујнски апарати што нашите баби (веројатно) ги користеле Сте виделе ли миксер кој не работи на струја? А, сте виделе ли како изгледале не...
Кој навистина ја измисли Барби – Жената која сакаше девојчињата да имаат кукли со гради или „разврат... Рут Хендлер и Џек Рајан се двете имиња што се спомнуваат како креатори на Барби....

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg