Бесмртна медуза и уште 7 животни со најдолг животен век

Денес просечниот животен век на луѓето е 79 години. Во минатото овој број бил значително помал. На пример, во 1600-тите просечниот животен век бил само 43 години.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-01.jpg

Јасно е од каде оваа драстична разлика – покрај побезбедниот живот, и значителниот напредок на медицината си го прави своето. Болести кои во минатото биле смртоносни, денес или се лекуваат многу лесно, или се искоренети благодарение на вакцините.

Со напредокот на човештвото, може и нашиот животен век допрва ќе се зголемува, но експертите претпоставуваат дека не би надминале возраст од 150 години.

Но овие правила не важат за некои животни, па нивниот просечен животен век може да биде стотици години.

Погледнете кои животни имаат најдолг животен век:

Гренландски кит (Balaena mysticetus)

Овие китови се цицачи со најдолг животен век и можат да живеат над 100 години. Уште не е познато точно колку долго можат да живеат гренландските китови, но најдени се единки и нивни остатоци кои докажуваат дека сигурно живеат над еден век.

Според некои испитувања, некои единки веројатно живеат и повеќе од 200 години.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-02.JPG

Риби од видот Sebastes aleutianus

Се претпоставува дека просечниот животен век на овие риби е околу 120 години, но најдени се и единки со возраст од 140 години.

Пред неколку години, во Алјаска беше уловена ваква риба за која се веруваше дека има дури 200 години поради нејзината големина, но испитувањата покажаа дека станувало збор за 64-годишна единка.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-03.JPG

Слатководна бисерна школка (Margaritifera margaritifera)

Овие бисерни школки кои најчесто живеат во реки и потоци се безрбетници со најдолг животен век – околу 250 години. Најстарата слатководна бисерна школка што е откриена досега има дури 280 години.

Наводно, тајната за долговечноста на овие школки е нивниот бавен метаболизам. 

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-04.JPG

Гренландска ајкула (Somniosus microcephalus)

Засега гренландската ајкула е најдолговечното ’рбетно животно. Досегашните испитувања покажале дека овие ајкули можат да живеат барем 272 години, но најдени се примероци кои умреле и на околу 392-годишна возраст.

Според истражувањата, сосема возможно е овие ајкули да достигнуваат возраст и до 500 години.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-05.JPG

Црви од видот Escarpia laminatа

Овие црви живеат на длабочина од 1.000 до 3.000 метри во близина на Мексиканскиот Залив. Според истражување од 2017-та, во просек нивниот животен век трае и до 200 години, а постојат единки кои можат да преживеат и над 300 години.

Се претпоставува дека една од причините за нивната долговечност е фактот што речиси и да не се соочуваат со природни закани, како предатори.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-06.JPG

Школки од видот Arctica islandica

Овие школки живеат во солена вода, односно во Северноатлантскиот океан и имаат многу, многу долг животен век.

Во 2006 година е пронајдена единка стара неверојатни 507 години, која е крстена Минг, бидејќи била родена во 1499 година, за време на владеењето на династијата Минг во Кина.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-07.JPG

Медуза од видот Turritopsis dohrnii

Овие медузи се познати и како бесмртни медузи, а веројатно претпоставувате зошто. Иако сите видови медузи имаат (конечен) животен век – некои од неколку часа, некои од неколку години – овие медузи изгледа се бесмртни.

Скоро сите видови медузи го почнуваат животот како ларви, а потоа се прикачуваат на океанското тло и се претвораат во таканаречени полипи. Кога ќе созреат, овие полипи стануваат медузи кои се откачуваат од дното.

Возрасните бесмртни медузи имаат способност повторно да станат полипи и одново да го почнат циклусот на созревање, а токму ова ги прави бесмртни. Наводно, тие повторно се трансформираат во полипи ако имаат физички повреди или гладуваат.

Бидејќи медузите можат да го прават ова многупати, ако се во безбедна околина, би можеле да живеат засекогаш. Сепак, неретко овие медузи се храна за други животни и риби.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-08.JPG

Хидра (Hydra viridissima)

Овие слатководни суштества кои наликуваат на медузи исто така имаат потенцијал да бидат бесмртни. Наводно, тие не покажуваат никакви знаци на стареење, а телото во најголем дел им е направено од матични клетки кои постојано се регенерираат и обновуваат.

Во природни услови хидрата не може да биде бесмртна, поради закани од предатори и болести. Но, ако не се соочи со овие проблеми, веројатно би живеела засекогаш.

besmrtna-meduza-i-ushte-7-zhivotni-so-najdolg-zhivoten-vek-09.JPG

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Колкав е просечниот животен век на популарните раси на кучиња (и како да им го продолжите животот)? Повеќето раси на кучиња живеат по најмалку 10 години. Но, покрај нивниот просече...
10 грешки што треба да ги избегнувате ако (првпат) чувате мачка Никако немојте да ѝ ги сечeте ноктите и немојте да ѝ давате млеко – Кои се најче...
9 намирници кои се безбедни за вашето куче (и треба да ги вклучите во исхраната) Лубеница за освежување во лето и путер од кикиритки како награда - неколку намир...
Дритон од Скопје чува шкотска мачка: „Оби е многу кроток, но не сака луѓето да го задеваат“ „Оби е шкотска раса и има 6 години. Го донесов од Софија, Република Бугарија и о...
Само ова ќе кажам: „Кучето е најдобриот пријател на човекот“ Нив не им е важно дали имате 7 или 77 години, ако се однесувате добро кон нив, т...
7 забавни факти за слоновите - Ги „погребуваат“ нивните мртви, може да изодат 120 километри дневно Слоновите покажуваат огромна емоционална интелигенција. Тие се едни од ретките ж...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg