Подобро ми е сингл, отколку со шутрак од ваков крој

Кога си млад и полетен, најважно е симпатијата да изгледа убаво, да трепка со очите, додека срцето ти клокоти како експрес лонец на тројка.

Podobro-mi-e-singl-otkolku-so-shutrak-od-vakov-kroj-01.jpg

Но, дури и тогаш, размислуваш и за други квалитети – дали дечкото е добар, дали е внимателен, ги анализираш неговите добри и лоши страни и манири на однесување.

Сега, во 30-тите години од животот сфаќаш дека не треба да трепка за да те освои, туку да биде човек.

Но, наместо со човек, ти си имаш работа со вистински шутрак.

Па, еве зошто не си ми потребен и подобро ми е да бидам квалитетно сама, отколку во неквалитетна врска.

Јасно ми е дека ние жените некогаш претеруваме, по малку сме чукнато опсесивни и сакаме да ги контролираме нештата, па се забораваме во кроење планови, но додека јас имам 100 (од тоа како ќе се облечам утре ако врне, до каде ќе излезам викендот и како изгледа мојот план за штедење), ти имаш НУЛА планови.

За тебе, за мене, за нас, за иднината општо...

Немаш никаква идеја што со себеси и додека пасивно пловиш низ животот, успеваш да ги расипеш и откажеш дури и оние планови што сум ги направила за нас, наместо тебе. Не можеш да стигнеш никаде и постојано си зафатен со правење НИШТО.

Уживаш во играта на давање лажна надеж.

Ме запознаваш со друштвото, сестра ти, родителите и третите братучеди, одиме на свадби и родендени, а ден подоцна суптилно ме известуваш дека сепак во моментов не си подготвен за ништо посериозно. Важно ручавме сите на маса и наздравивме со ракиичка, навистина тоа е ритуалот за означување нешто несериозно. Семеен ручек и наздравување.

Не можеш да изразиш ниту една емоција, бидејќи не си бил плачко, ниту сентиментален тип. Не си од оние што се јавуваат, мразиш да пишуваш пораки, ги мразиш модерните начини на комуникација. Не пишуваш писма, не праќаш гулаби, не си слабак, а јас треба да гледам во кристална топка за да знам што чувствуваш за мене?

Грешка, ти си јак на дела, не на зборови. Кои дела? Сериозно, каде се?

Се чувствувам лошо покрај тебе. И покрај фактот што сум поуспешна, ти некако успеваш да ја разнишаш мојата самодоверба и да ме натераш да се преиспитам дали ми недостасува нешто. Секако дека ми недостасува, па не сум совршена. И ти многу добро ме потсетуваш на тоа секој ден. Бидејќи нели, љубов.

Те нервира моето друштво. Те нервира моето семејство. Сите имаат маани. Само ти некако успеваш да се провлечеш под радарот и да излезеш најпаметен од сите. Не ти се губи време со нив, никогаш, никаде. Не си во врска со нив, со мене си. Ајде сега да се фатиме за раче и да живееме сами без никого, на крајот од светот. Да се преселиме на Алјаска, таму го нема моето друштво кое е толку погубно за супермаж како тебе.

Се смееш на моите планови, ми ги исмејуваш соништата, а моите желби се глупави и нереални, бидејќи ти си гласот на разумот и ме држиш цврсто на земја за да не одлетам? Благодарам, како ли преживеав 28 години без тебе, здраворазумен човеку?

Конечно, покрај сите твои лоши особини, најлоша во целата ситуација сум сепак јас. Бидејќи ти дозволувам да ми го губиш времето и да си играш со мене. Бидејќи верувам дека можеш да се смениш барем малку, затоа што љубовта ја има таа моќ. Бидејќи верувам дека ти значам, додека ти безмилосно ме газиш како чергичка пред врата.

Па збогум. И навистина – нема да ми недостигаш.

И погоди што?

Не е до мене. До тебе е.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Животот во брак не е идеален, но без оглед на сè: „Се гледаме дома, љубов“ Животот со саканата личност не е онаков каков што многумина го замислуваат. Не с...
Како да познаете лош (или насилен) партнер уште во првите шест месеци од врската? „Ако има навика да ве грабне за рака и да ве повлече силно кога сака да го следи...
„Мислев дека отворениот брак е супер идеја, но сопругот се вљуби во неговата љубовница“ „Мислев дека луѓето можат да бидат вљубени во една личност, а да спијат со друга...
Сингл девојко, добар маж доаѓа - и кога ќе те најде, ќе му заблагодари на Бог што си чекала Ти си токму таа жена за која добар маж се моли. Tаков маж постои. Тој се моли за...
15 тајни на брачните парови кои ретко се караат (применете ги веднаш) Не чекајте да настане проблем за да зборувате. Доволни се неколку искрени речени...
„Не пробувајте да бидете порно ѕвезда“ – Интимни совети кои можеби ќе сакате да сте ги слушнеле пора... „Сексуалната некомпатибилност е вистинска – љубовен јазик, движења, нивоа на агр...

Најчитани неделава