Дали партнерот ти го одзеде сопственото јас?

Во животот најмногу учиш од луѓето кои ги запознаваш и по низа настани ги карактеризираш како блиски. Знаеш, оние со кои го делиш утринското кафе, работните обврски, тешките и убавите моменти, оние со кои го живееш животот, барем на одредено време. Животот е етапа, сум кажал многу пати, колку побрзо го прифатиме тоа толку побрзо ќе се навикнуваме на секоја нова и нема да жалиме за онаа што поминала.

dai-partnerot-ti-go-odzede-sopstvenoto-jas-001.jpg

Токму тие кои ги сметаш за неизоставен дел од твоето опкружување. На истиот начин на кој што ги доживуваш убавите моменти со нив, на сосема ист начин ги добиваш ножевите во сопствениот грб, токму од нив.

Звучи познато, зар не?

Колку и да не сакаме да си признаеме сите сме биле таму и сме се почувствувале како најбезвредниот пар чевли фрлени во стар, засмрден шпајз, кога сме биле истретирани апсолутно неправедно од личности кои сме ги почитувале, а во најмала рака не сме ни заслужиле.

Да преминам на главното, ги познавате оние луѓе кои ќе влезат во романтична врска и мислат дека го достигнале врвот?

Не го велам ова бидејќи имам нешто против, секој со своите замисли, но за мене фасцинантен беше моментот како луѓето можеа толку да се променат, буквално преку ноќ?

Дали потпаѓаа под влијание на партнерот и дозволуваа да ги води како слепи патници во ноќта или едноставно го играа својот филм на зафатени и недопирливи личности?

Оние кои до вчера не престануваа да ве бараат, секојдневно, за да одите на кафе, на филм, на ручек, оние кои доаѓаа кај вас дома, за да ги исполнат слободните часови со забава и смеа, ги полнеа вашите социјални мрежи со какви не пораки и коментари, понекогаш дури и на граница со напорни и досадни личности, одеднаш замираат.

Токму таквите, кога ќе влезеа во врска, ги снемуваше, како земјата да ги проголтала, како да не постојат повеќе. Не ги барајте, бидејќи ќе ве прогласат за виновни, ќе ве наречат луѓе кои досадуваат, за да биде иронијата поголема.

Но, на тој начин  не мораше да се филтрираат луѓето, тие сами ќе се чистеа од кругот на блиски личности. Помалку работа за вас. Она што беше смешно беше нивното однесување кон нивните пријатели, излегуваше дека тие се оние кои досадуваат, љубоморат, завидуваат, пишуваат, се со една единствена цел, да им расипат. Како до вчерашните пријатели да им го посакуваа цело зло и сакаа таа врска да прекине.

Не можев да кажам што ми паѓа посмешно, таквата помисла која Бог знае како им паѓаше на памет или пак глупоста која им дозволуваше сето тоа да го изнапишат. Дали имаа трошка почит, пред сè кон себеси како индивидуи, а потоа кон своите пријатели?

Не знам дали беа свесни, но таквата нагла промена алудираше на две работи или влегуваа во токсична врска каде што партнерот не им дозволуваше да мрднат, угнетувајќи ја слободата која ја имале претходно, или едноставно немаа свое јас, кое се менуваше како што се менуваа луѓето околу нив, што пак води кон она првото – токсична врска.

Според мојата филозофија прво одеше семејството, другарите, а потоа партнерот, бидејќи на возраст од 20-30 години партнерите знаеа да бидат променливи. Семејството и блиските пријатели не. Но луѓето, такви какви што ги дал Господ, знаеа да уништат долгогодишни пријателства за шест месечни авантури и потоа да квичат кога ќе ги изгубат двете. Дури и семејни врски знаеа да зафркнат, губејќи се во својот момент на „Ромео и Јулија”.

За мене не ми паѓаше тешко таа нивна промена, луѓето се менуваат секако, страшна беше помислата која беше изречена и кажана, дека вие се трудите да им наштетите намерно. Тоа само болесник може да го помисли за некој кој го познава толку долго.

Нема оправдување, се може да се премине, ама преку неоснованите навреди, со тешки зборови, а вие притоа ниту да сте посакале зло, ниту да сте помислиле на зло, не се поминува и за тоа не постои извини.

Партнерот/партнерката на вашите пријатели може да не ве познаваат, што е логично, но ако се објасни убаво кои се луѓето во вашиот круг, ќе разбере девојката со кого сте на пиво и скара и зошто сте отишле токму со нив, ќе разбере и дечкото со кои другари или другарки ќе пиете вечерва и зошто токму со нив ќе пиете и ако е нормална личност тоа ќе го прифати.

Врската не е меѓусебен лепак на двајца и замирање на околината. Баш напротив во кругот на луѓе, вие да бидете едно без разлика дали сте заедно или одвоени.

Освен ако немате свое јас и дозволите партнерот да ве отсече од врските кои сте ги граделе со години, онака без причина, затоа што му се може, а му се може бидејќи вие сте дозволиле.

Или можеби не е партнерот виновен, можеби во вашата глава има нешто што сака да ве отсече од сите за да станете осамена личност, обесена на вратот на својот партнер, која останала без пријатели затоа што сама ги истуркала од себе.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Н. Буџак | Црнобело / Фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Што сакаат мажите постари од 40 години во сексот? (18+) Мажите над 40 години признаваат дека ги возбудува кога жената ќе облече нешто од...
„Вљубена сум во шефот - како да го натерам да ги остави сопругата и децата и да биде со мене?“ „Знам дека е глупаво да започнеш врска со оженет маж, но тој вели дека сака да ј...
Прашувам за пријател: Имам 22 години, а мојот дечко 55 – Како да знам дали ме сака само за секс? „Jас постојано се обидувам да најдам работи што можеме да ги правиме заедно, за ...
Можна ли е врска на далечина + како да ја зачувате близината со партнерот? Поставете правила и редовно слушајте се преку видео повици - врската на далечина...
„Порано пред секс го гасев светлото, но повеќе не се срамам од своето тело - како ми помогна сопруго... „Сликата за моето тело што ја имав во главата, влијаеше лошо на мојот сексуален ...
Упатство за жени: Како да сакате маж? Правило за помнење: Во некоја ситуација тој ќе се однесува несоодветно, ќе биде ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg