Бев на патување во Болоња и Фиренца на три дена – што вреди да се посети и каде го платив најскапиот Аперол од 22 евра?
Веднаш пред Piazza Maggiore, ќе го забележите и помалиот плоштад, каде се наоѓа познатата Фонтана на Нептун, со статуа на римскиот бог на морето, опкружен со делфини и сирени, а до неа има и чешма од каде луѓето си полнат вода во шишиња.
Времето беше прилично топло, па веќе ни требаше место за седнување под сенка, каде ќе испиеме италијанско еспресо набрзина пред да продолжиме со турата.
Кафето чини од 1 до 2 евра, зависи што и каде ќе пиете, но не очекувајте добро ладно кафе, или ќе добиете мала шолја кафе со чаша со мраз за сами да искомбинирате.
Многумина велат дека во Болоња повеќе се седнува да се јаде и пие отколку што се шета и навистина е така – малку шетате, па наоѓате интересно место за кафе, сладолед или ручек и седнувате без многу размислување.
Не ви е потребно многу да гуглате каде да јадете или пиете кафе, затоа што буквално секое кафуле, траторија, пицерија или остерија има своја убавина и шарм, па одлучете спонтано каде ќе седнете во моментот – буквално ги има на секој чекор. Но, имајте на ум дека во периодот од пладне до 16 часот може многу локали да се затворени.
Прошетката продолжи со разгледување на една од најзначајните згради во градот, Archiginnasio, некогаш главна зграда на Болоњскиот универзитет, а денес библиотека и Анатомски театар.
Потоа, двете кули (Due Torri) кои моментално се затворени и не можевме да се качиме, па низ впечатливите пролази со сводови (портико), разгледувајќи ги излозите на најлуксузните модни брендови, но и слатките сувенирници и книжарници, па сè до Finestrella di Via Piella, односно познатото прозорче кое има магичен поглед на канал со прекрасни розови и портокалови згради.
Но, уште нешто морам да признаам – Италијанците се махери за да направат атракција од „ништо“.
Ќе отворат прозорче среде ѕид и тоа станува невидена атракција, нешто за што се чекаат огромни редици за да дојдеш на ред да сликнеш. И не е дека не е убаво, навистина има шарм, но не секој би се сетил на тоа.
Во потрага по оваа атракција, мислев дека треба некаде да се качиме за да стигнеме до прозорчето, па се изненадив кога додека опуштено си шетавме и си разговаравме, одеднаш наидовме на голема колона луѓе, и сфативме дека всушност стигнавме на местото.
Во Болоња, буквално секое ќоше изгледа убаво, дури и ако нема некоја голема значајност – градбите се прекрасни, прозорците се уникатни, боите на фасадите совршени, локалите се примамливи и традиционално, но убаво уредени и те мамат да седнеш на кафе, пијалак, италијанска паста, сладолед или пица, архитектурата е запрепастувачка, а богатата историја присутна во секој објект.
Некаде во меѓувреме, уличките спонтано нè однесоа до една џелатерија, каде се чекаше ред за сладолед, но дефинитивно вредеше бидејќи го пробав најдобриот сладолед, со силен и богат вкус – три топки во корнет чинеа 4 евра.
Иако веќе стануваше доцна, а времето полека се расипуваше, решивме да не се прекинуваме и да посетиме колку што е можно повеќе дента, па се упативме и до крајната точка планирана за тој ден – Болоњскиот универзитет.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





