„Бев на патување во Улцињ и го шетав црногорското крајбрежје до Будва – магичен стар град, 13km песочна плажа“
„Возевме ноќно време околу 5 часа од Скопје. Немаше апсолутно никакво чекање по граници. Стариот град во Улцињ беше навистина магичен, токму како на Инстаграм. Калдрма, неверојатна глетка кон градот од едната страна и кон отвореното Јадранско Море од другата. А големата плажа во Улцињ? Недогледна, со преситен песок и одлични бич барови...“

Крајот од мај секогаш ми изгледа како совршен период за патување по градови, но годинава со детенце од година и половина секоја опција што ми падна на ум ми изгледаше како прекомплицирана за изведба и покрај мојот елан и авантуристички дух.
На крајот од денот, не сакав патувањето повеќе да ми изгледа како замор, отколку како одмор, па затоа избрав дестинација со плажа во комбинација.

И уште на самиот старт да нагласам, дури и оваа локација за оние кои сакаат лежерен одмор не е соодветна, затоа што градот е на брдо, улиците се стрмни и си требаат мускули за туркање на детска количка, плус мора да се пали автомобил.
Во најголем дел од сместувањата, возите или до градот или до плажа, освен ако не одите на малата градска плажа или пак седите само на големата плажа.
И конечно да споделам каде бев. Станува збор за градот Улцињ во Црна Гора.

Возевме ноќно време околу 5 часа од Скопје. Немаше апсолутно никакво чекање по граници и за да стигнеме дотаму поминавме преку Косово, Албанија и Улцињ беше првиот град по влезот во Црна Гора, многу блиску до границата.
Околу 75% од овој град е албанско население, а негова најсилна страна се магичниот стар град, како и познатата „Velika Plaža“.

Ова е најдолгата песочна плажа во Црна Гора, има околу 13 километри и позната е по ситниот песок и плиткото море.
Таа покрај за семеен одмор, совршена е и за љубителите на кајтсурфинг и виндсурфинг.
Ветрето е добредојдено на високите температури.

По самото пристигнување веднаш се упативме во стариот град во Улцињ, кој навистина беше магичен, токму како на инстаграмџиските фотографии.
Калдрма, неверојатна глетка кон градот од едната страна и кон отвореното Јадранско Море од другата.

Оттука се гледа и малата градска плажа, која има слободен дел, но и делови со лежалки, кои чинат 10 евра за две лежалки и чадор.


На познатата голема плажа пак беа отворени само дел од десетиците бич барови и цените беа 15 евра за две лежалки и 35 евра за кревет.
Се разбира, во сезона овие цени сигурно ќе одат и нагоре. Во тоа немате вклучено пијалаци и храна. За да си земете мора сами да појдете до барот, за разлика од Грција.

Големата плажа е пространа до каде што очите ви допираат. Вака широки плажи кои буквално дишат и ви даваат чувство на слобода, видов кога бев на одмор во пределот на Дерми и Химара, во Албанија, каде што бев во периодот на короната.
Во стариот град во Улцињ има семејни ресторани со врвна храна, најљубезни домаќини, кои топло ве пречкуваат како да одите кај нив дома.

