Бродски дневник на Ивана: „По 2 месеца карантин на отворено море, 9 вработени го напуштија бродот бремени“

„Во продавниците на бродот снема кондоми, девет девојки од екипажот си заминаа бремени, една тепачка и многу пијанства - ова отприлика е резултатот од двомесечниот карантин на отворено море, откако бразилските власти ја стопираа сезоната“ - раскажува Ивана од Скопје за CRNOBELO.com директно од брод за искуството од изминатите неколку месеци. 

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-1.jpg

По паузата од речиси две години, во ноември Бразил дозволи да се вратат крстарењата. Иако постоеја многу правила и протоколи, ретко кој од гостите ги почитуваше.

Додека пак, ние од екипажот постојано бевме со маски, со иста шема, работа- кабина-работа.

А, да биде уште похаотично, првите крстарења беа карневалски, оние кои беа откажани минатата година, со голема сцена на палубата на 15-ти кат и со многу бразилски ѕвезди чии настапи беа вистински спектакл со шоуа кои траеа цела ноќ.

Кон крајот на 2021-ва, почнаа сѐ повеќе членови од екипажот да добиваат позитивен резултат на ковид тестовите, па по Новата година, со над 200 позитивни, само на мојот брод, бразилската Влада ја стопираше сезоната среде крстарење.

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-2.jpg

Пет бродови од две компании закотвија во близина на Сантос, најголемото пристаниште во Бразил. Покрај луксузните бродови, имаше и околу стотина карго бродови.

А ние, екипажот, ги спакувавме куферите и повторно во карантин. Секој сам во кабина за гости, барем со балкон.

Прво ни рекоа дека карантинот ќе биде една недела, па 10 дена, па 15, за на крај да останеме 21 ден во карантин.

Клон и Големиот Брат

Во тие три недели јас имав среќа да си бидам со сопругот, но тешко на оние што беа сами, а плус не им се погодија ни соседите за муабет.

Во тие денови, во попладневните часови се репризираше хит серијата Клон, па беше интересно да се видат Жаде, Лукас, Али и сите останати.

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-6.jpg

А наша главна забава во тие досадни ноќи беше „Големиот брат“, кој е вистинска атракција во Бразил.

Кога ќе помислам на „Големиот Брат“ единствено ми текнува на Драги Шпага и близначките, но тука е вистинска животна цел да се биде дел од ова реално шоу, чиј победник добива премија од 1,5 милиони реали (околу 280.000 евра).

Многу интриги, неверства, расправии и сочни пцовки, секс и романса, буквално од сѐ по нешто...

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-07.jpg

Бејби бум

По трите недели, конечно цел екипаж негативен на вирусот, се вративме во старите кабини без прозорци и се подготвивме за гостите.

Ама, гости немаше. И тоа дури два месеца. Платен одмор!

Само на море и без карго, многу работи почнаа да недостасуваат во продавницата за екипажот.

Уште пред Нова година, моја колешка ми се пожали дека немало кондоми, па морала да купи онлајн. Но, поради карантинот, пратката никогаш не ѝ стигна.

Па така, девет вработени го напуштија бродот поради бременост, четири од нив си отидоа во еден ден. Нека им е со среќа!

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-05.jpgфото: depositphotos.com

Тепачка со скршен нос

Карантинот, осаменоста, носталгијата, недостигот на социјален живот - не се за секој. Па на една келнерка буквално ѝ „пукнал филмот” па почнала да крши сѐ пред себе.

Таа дала отказ и побарала да си оди дома, но ѝ било соопштено дека ќе може да се симне од брод следниот пат која бродот ќе закотви на пристаниште.

Сепак, не ѝ се допаднала таа идеја, па прво почнала да се расправа, а потоа и да крши.

Кога го викнале обезбедувањето да ја смират, таа „успеала“ да ѝ го скрши носот на шефицата на тимот на обезбедување, Израелка со воено искуство.

Од трачевите што брзо се ширеа низ брод, бидејќи немавме попаметна работа, дознав дека следниот ден со мал  брод ја симнале келнерката и член од обезбедувањето кој во целиот тој хаос ја удрил неа. И двајцата биле однесени во полиција.

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-3.jpg

Пијанки, караоке и кино

По таа немила случка, менаџерот за човекови ресурси реши дека мора да го анимира екипажот кој беше затворен на брод среде море.

Па почнаа да се организираат вечери со караоке, музика во живо и моето омилено кино на отворено небо.

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-4.jpg

Многу пијанки, уште повеќе пијани од екипажот, па еден од нив ги испразнил цревата во базенот, па потоа ни ги испразнија базените и џакузите.

На другите бродови, екипажот можеше да ги користи базените по цел ден, но нас нѐ казнија поради една пијана будала. Жално, нели?

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-08.jpgфото: depositphotos.com

По два месеци карантин на бродот на духови, се вративме на работа, но само со мал број на гости.

Јас го пишувам овој текст вечерва зошто сум слободна, т.е на боледување, воспалено грло, од 12-часовно носење маски.

Уште две недели и бродот трга назад во Европа, а јас конечно на 30 април ќе стапнам на копно.

Дефинитивно ова е најчудниот и најнеобичниот договор во целата моја кариера.

brodski-dnevnik-na-ivana-po-2-meseca-karantin-na-otvoreno-more-9-vraboteni-go-napushtija-brodot-bremeni-09.jpg

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Заради пандемијата, година ипол живееше во Бразил, а по долга пауза повторно се врати да работи на брод. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод - тековни и минати случувања.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: приватна архива И. Ј.

Би можело да ве интересира:

Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
„Бев во Неи Пори овој јуни 2023, лежалка со кафе е 5 евра, морето е уште студено, но едно селце кое ... „Пријатно бев изненадена од ниската цена на вилата во која во престојував, од не...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...
Каде да летувате во Хрватска ако сакате песочни плажи? За Хрватска, првата помисла за плажите најчесто е карпести и камени плажи со кри...
Плажата која ги победи Малдиви за „најсино море“ се наоѓа во Албанија - на 270km од Скопје Чиста тиркизна вода, волшебен поглед, светол песок... Плажата на огледалата (Pas...
„Го посетив селото на баба ми и дедо ми и се потсетив на приказните за вили и вампири од детството -... Постојат места на кои постојано им се навраќаме, места кои ни будат спомени што ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg