Нашите мајки го пиеле кафето на раат и дремнувале после работа – па, ништо не ни фали

Нашите мајки не се плашеле толку за нас. Не се мудрувало толку околу родителството. Татко ми не морал да се нацрта секоја вечер во 20:00 за да и помогне на мајка ми да ме избања.

nasite-majki-go-piele-kafeto-na-raat-i-dremnuvale-posle-rabota-pa-nisto-ne-ni-fali-001.jpg

Не така одамна и јас детето си го бањав сама. Со обичен Бекутан сапун за бебе. Со едната рака го држев детето, со другата тушот, сапунот, пешкирот... Не се плашев дека ќе ми падне во када. Реално, ниту една мајка не го испушта своето дете туку-така.

Мојата мајка не се плашела од бременоста, ниту од враќањето на работа, ниту од јасли групата. Од одвојувањето. Немала кога да мисли за тоа дали престојот во групата во градинка ќе остави трајни последици врз мене.

Не се занимавала со сите социјални аспекти од мојот живот. Не трчала на лекар за секоја ситница. Не доаѓала во училиште секој понеделник и секогаш кога ќе ѝ паднело на памет дека треба да ме „штити“ од наставничката. Не игравме на картата „професорот ме мрази“.

Мојата мајка никогаш не била мој приватен детектив, ниту пак некој на кого му е должност да ме забавува и да го прави мојот престој на планетата попријатен и посмешен.

Денес ете, ништо не е доволно за детството да биде пријатно. Не, денес детството мора да биде незаборавно! Незаборавно, дами и господа! Секој ден е повод за мала прослава, за никогаш да не им е досадно.

Од моментот кога ќе ги отворат очите, до моментот пред да легнат во кревет, децата е потребно да ги анимирате, да им угодувате на сите можни начини, да ги поместите своите граници, да бидете благи, попустливи, да не го повишите тонот, да не го загрозите нивниот мал интегритет на било кој начин и сè на сè – да создадете едно големо, огромно, агресивно и деструктивно его.

Нашите мајки не се плашеле од нас. Од нашиот плач. Со трескањето, фрлањето и дрскоста некако полесно излегувале на крај.

Нашите мајки си го пиеле кафето раат и си дремнувале после работа. Ние за тоа време игравме надвор, пред зграда, со другите деца. Со други деца, дами и господа!

Се знаеше што смее, а што не смее. Што е добро, а што не. Вади го тој прст од уста, не чепкај нос, не зборувај со непознати, не зимај бонбони од непознати на улица, тргни се од телевизорот, ќе си ги расипеш очите, кажи добар ден, благодарам, молам, стани за бабата да седне, биди добар другар, не седи на ладен бетон, изеди сè што имаш во чинијата и до 8 биди дома. Ете, на кратко, така некако бевме воспитувани.

Двоумењата се решаваа без Google, без совети од други, поискусни мајки. Не постоеја сите тие книги, форуми, Фејсбук групи, а пак – сè некако се знаело. На крајот од краиштата, и не излеговме така лоши.

Денешното растење личи на трка. Дури и пред да се роди – клукај се со фолна киселина, пиј витамини, прави милион тестови.

Потоа – породи се безболно, без трауми, биди со бебето, дои го до трето одделение, величај му го карактерот, темпераментот, генетските предиспозиции, не дозволувај да плаче, носи го како да е штафета на младоста, не го оставај само, не гаси светло, направи место во твојот кревет, премести го сопругот во дневна, бдеј му, не дозволувај било што да зафали, да се почувствува загрозено, запоставено, почитувај го неговото мало ЈАС, преиспитувај се, преземи ја целата одговорност, на заслугите заборави, заштити го од сонце, зрачење, загаден воздух, кучиња скитници, вода од чешма, очи кои може да го урочат, ретроградниот Меркур, заситените масти и слободни радикали.

Чисти околу зграда, собирај го ѓубрето, рециклирај ја пластиката, купувај само органско, сади дрвја, бидејќи – нашите деца заслужуваат подобра планета.

Ок, а што ако нашата планета заслужува подобри деца? Мислам, за другарка прашувам...

Извор

Би можело да ве интересира:

7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
Ретро игри со кои ние пораснавме, а денешните деца не (знаат да) ги играат Знаат ли денешните деца да си играат? Колку често нашите деца се надвор и што во...
Момче од Кореја (4) го расплака целиот свет, откако кажа зошто мисли дека родителите го мразат „Мајка ми ме мрази, не сака да си игра со мене“ – дете од Јужна Кореа ги освои с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg