„Си дадов отказ од функцијата директорка за да бидам продавачка - само за да имам повеќе време со децата“
„Работев од 8 до 18 часот, често имав и повици во текот на денот и ноќта. Не можев да бидам најдобрата верзија од себе за моите деца и постојано се прашував: ‘Зошто не ги чувам јас моите деца кога токму тоа го посакувам?’“, вели Тифани Чесон (30) од Велика Британија, мајка на две деца.

Тифани Чесон (30) од Велика Британија, мајка на две деца, вели дека е пресреќна откако својата високоплатена работа ја заменила со работа како продавачка со скратено работно време, што ѝ овозможува да помине повеќе време со децата.
Нејзината исповед за магазинот „TheSun“:
„Гледајќи ги моите пријатели како ги праќаат своите деца во скапи летни кампови, додека трчаат на работа со лица оптоварени со стрес, срцето ми се кине за нив.
Додека тие се обидуваат да балансираат, јас никогаш не сум била посреќна.
За првпат, го поминувам летниот распуст уживајќи со моите две деца - Теди (7) и Лоти (2), наместо да се грижам како да платам некој да се грижи за нив.

Пред три месеци ја донесов најдобрата одлука да ја напуштам мојата високо-стресна работа како директор во технолошка компанија и со тоа се откажав од огромна плата.
Целиот живот бев амбициозна и максимално посветена на работата.
Кога го родив Теди во 2017, зедов една година породилно отсуство, но имав само 23 години и сè уште бев со корпоративен менталитет, жедна за успеси и напредок.
Психичкото здравје по породувањето ми беше лошо, верувам дека имав постнатална депресија и навистина сакав да се вратам во канцеларија.
Се чувствував збунето и читав истражувања дека скоро 4 од 10 мајки со деца од 0-4 години би престанале да работат целосно, доколку можат финансиски да си го дозволат тоа.
По пандемијата, моите приоритети се сменија. Кога син ми имаше две години и бевме заклучени дома навистина уживав во времето поминато со него додека работев од дома.

Кога ја родив ќерка ми Лоти во 2023, чувството дека пропуштам важни моменти се засили.
Многу ми годеше што бев дома на породилно и не сакав повторно да се вратам на работа и да се чувствувам како да не учествувам во нивното растење.
Иако работев најмногу од дома потоа, ги слушав децата долу како си играат со сопругот Шон (30) и тешко ми беше да не се приклучам.
Да, работата ми носеше сигурност и добра плата, но психички ме исцрпуваше.
Работев од 8 до 18 часот четири дена неделно, но често имав и повици во текот на денот и ноќта. Не можев да бидам најдобрата верзија од себе за моите деца.
Мајка ми ми помагаше и ја чуваше Лоти два дена неделно, а другите два беше во градинка. Но постојано се прашував: „Зошто не ги чувам јас моите деца кога токму тоа го посакувам?“

Сфатив дека сакам да бидам присутна додека можам, особено бидејќи Лоти ќе почне со училиште за неколку години.
Кариерата можам повторно да ја градaм подоцна.
