Те уморува борбата со детето за кои чевли да ги носи, диплењето облека и чистењето на дом, кој е пак хаос за 30 минути
Никој не зборува за тешките делови од родителството. Сите изгледаат како да се снаоѓаат лесно. И тоа те тера да се чувствуваш виновна. А веројатно и тие се чувствуваат виновни. Бидејќи, навистина, тие се исти како тебе.

„Како си денес?“, те прашуваат спонтано.
Враќаш одговор што се очекува. „Добро сум“, велиш, иако, ако некој навистина ѕирнеше во твоето срце, ќе видеше дека воопшто не си добро.
Но, тоа е премногу комплицирано. Не ја познаваш оваа личност доволно за да ѝ се исповедаш. Тоа се изговорите што си ги кажуваш додека продолжуваш по патот кон дома со 4-годишните близнаци, кои се држат за количката во која е твоето најмало дете, од година и половина.
Вистината е дека си неверојатно осамена.
Не осамена во смисла дека бракот ти е во криза или односите со децата ти се лоши или дека немаш никој на светот.
Чувството е од тоа што си родител на мали деца. А тоа е навистина тешко.
Тешко е да се најде време за што било друго, особено за социјализација, затоа што целото твое време е посветено на децата, а сите твои ноќи се потрошени на тоа да се осигураш дека тие доволно спијат, а сите твои денови се исполнети со пакување ранци за градинка, диплење облека и чистење куќа, која се претвора во хаос во рок од 30 минути откако децата ќе се вратат дома.
Немаш многу можности да запознаеш нови луѓе или да негуваш пријателства.
Затоа што е премногу работа да ги подготвиш сите за излегување, а потоа, кога конечно си ги врзала во седиштата и се подготвени, веќе не ти се ни оди, затоа што едното дете се бореше со тебе половина час околу тоа кои чевли да ги носи, а постарото сè уште се спрема затоа што сака да земе илјада играчки и покрај тоа што си му објаснила дека децата во таа куќа се големи за и не се интересираат за неговите играчки.
Па така, се наоѓаш на многу осамено место, затоа што никој нема време да зборува, освен за она што е на површината. И се навикнуваш на фрази како: „Ќе се видиме некој ден“ а тоа никогаш не се случува, затоа што животот е напорен, родителството е тешко, а сонот изгледа многу позабавно во овој момент.
И пред да сфатиш, твоите единствени вистински пријатели се детето од година и половина и двете 4-годишни деца, затоа што другите се со свои обврски и никој веќе не ти се јавува, дури ни сестра ти и никаде не одиш, затоа што не си некој љубител на излегување и си велиш дека не ти требаат пријатели. Така ќе си кажеш, затоа што не сакаш да размислуваш за тоа што ти недостига.
Овој период од родителството е навистина тежок. Навистина е.
Секако, кога е еден вистински вртлог е. Си слушнала дека „дните се долги, а годините кратки“.
Времето лета. А понекогаш и не. Тоа е мистерија за секој родител на земјата.
Се чувствуваш осамено, не само затоа што никогаш не излегуваш, туку затоа што никој не зборува за тешките делови од родителството.
Сите изгледаат како да се снаоѓаат лесно. И тоа те тера да се чувствуваш виновна. А веројатно и тие се чувствуваат виновни. Бидејќи, навистина, тие се исти како тебе.

И ајде да зборуваме за оваа вина што постојано те следи.
Се чувствуваш виновна што не поминуваш доволно време со децата или затоа што премногу време поминуваш со нив, а партнерот сака и време само со тебе.
Се чувствуваш виновна затоа што градиш кариера надвор од дома или затоа што не градиш кариера надвор од дома.
Или затоа што не си доела или затоа што не сте спиеле заедно или за оној еден (или 4.000) пат/и кога си викнала.
Пробуваш да постигнеш рамнотежа, но секогаш ти се чини како да е недостижна. Исцрпена си.
Стигнуваш до крајот на денот и тоа само по себе е големо достигнување.
Но, еден ден, овој период ќе биде само сеќавање.
Во твојата реалност, како што е денес, понекогаш ќе се чувствуваш како да си на работ на лудило.
Ќе ти изгледа како никогаш да нема крај. Но, ќе има.
Ќе ти се чини дека децата засекогаш ќе бидат толку предизвикувачки. Но, нема.
Овој период ќе помине.
Денес не е исто со утре и малку по малку, ќе видиш дека работите се менуваат. Ќе им требаш сè помалку и со секој нов чекор на нивна независност, ти ќе си враќаш дел по дел од себе.
И кога тоа ќе се случи, ќе ти останат само спомените.
Затоа нека бидат добри. И исполнети.
И многу поголеми од осаменоста што ја чувствуваме во еден мал период во времето.