„Практикував ’нежно родителство‘, но воспитав несигурни деца кои не ме слушаат и почитуваат“
„Со години практикував нежно родителство… или барем така мислев. Ја валидирав секоја емоција на децата, им ја објаснував секоја граница, правев компромиси, избегнував строги казни. Но, моите деца пораснаа и почнав да ги гледам резултатите…“

Изминативе неколку години доста се зборува за таканареченото „нежно родителство“ (gentle parenting).
Како што кажува називот, овој начин на воспитување вклучува понежен пристап кон децата.
Односно, фокусот се става на емпатијата, почитта и разбирањето, а се избегнуваат казните за да се воспита детето.
Оние кои го практикуваат, сметаат дека на овој начин се подобрува комуникација со децата и наместо само да се казнуваат за нивните грешки, тие се поттикнати да ги разберат и со тоа да ги избегнат во иднина.
Но, мислењето на јавноста е генерално поделено за овој начин на воспитување.
Некои експерти сметаат дека е многу лесно родителите да почнат премногу да им попуштаат на децата и да не постават никакви граници, а подоцна ова да се одрази лошо.
Па, затоа и велат дека овој пристап не е за секој.
Инстаграм инфлуенсерката Жаклин Вилијамс, која е детски терапевт, пред неполн месец сподели видео на оваа тема.
Таа открива дека самата го применувала нежното родителство, но дека дури сега си ги воочува грешките.
„Денес можам да го забележам ’нежното родителство‘ кај децата бидејќи така воспитав две од нив. 10 години подоцна, треба да ја поправам штетата“, пишува на видеото.
Во описот таа го дава своето објаснување, истакнувајќи дека претерала со попуштање и не поставила соодветни граници.
Вели дека наместо нежно, практикувала таканаречено „попустливо родителство“ (permissive parenting).
Попустливото родителство е кога родителите не поставуваат никакви граници во односот со децата и им попуштаат за сè. Казнувањето не постои, па децата никогаш не ги ни воочуваат своите грешки.
„Со години практикував нежно родителство… или барем така мислев.
Ја валидирав секоја емоција на децата, наголемо ги процесирав емоциите, ја објаснував секоја граница, правев компромиси, избегнував строги казни.
Мислев дека сè правам како што треба. И, моите деца пораснаа и почнав да ги гледам резултатите.
Едното дете стана анксиозно за сè (дури и за одбирање јадење), несигурно во своите способности, мислеше дека заслужува сè, нема регулирани емоции.
Другото дете почна многу да им удоволува на сите, да ги потиснува своите чувства, да ги апсорбира емоциите на сите и стана повлечено (мислев дека му е само тинејџерска фаза, но не беше…).
Многу плачев. Пробав сè да направам како што треба, да биде поразлично од начинот на којшто пораснав.
Еве што сфатив – јас не практикував нежно родителство, туку, без да сфатам, практикував попустливо родителство (многу родители го прават ова, нема срам или вина, родителството е тешко!)“.
Жаклин вели дека си ги воочила и грешките. Сфатила дека бидејќи премногу им го објаснувала границите на децата, тие почнале да мислат дека може да преговараат за сè и нема да слушаат забрани.
Бидејќи, пак, често правела компромис со децата, тие не ни имале некои реални градници што треба да ги почитуваат.
Им покажувала многу љубов на децата, но несвесно немало никаква структура.
„И, ова создаде анксиозни деца кои мислат дека заслужуваат сè“.
Кога си ја воочила грешката, Жаклин го променила пристапот.
Вели дека не престанала да им покажува љубов на децата и да им дава значење на нивните чувства. Но, сега им поставува јасни граници, а внимава и децата да станат свесни за последиците од нивните грешки.
„Наскоро видов помалку анксиозност кога треба да се донесе одлука, поголема самодоверба, помалку преговарање за сè, подобро регулирање на емоциите“.
Видеото почна да се споделува вирално, па во коментари многу родители ја посочуваат разликата помеѓу „нежно“ и „попустливо“ родителство.
„Целата омраза за ’нежното родителството‘ е бидејќи луѓето го мешаат со ’попустливо‘. Ова ќе биде катастрофално секојпат. Но, нежното родителство во кое има јасни граници е одлично за родители и деца“.
„Ме загрижува тоа што луѓето ги мешаат нежното и попустливото родителство. Можете да бидете нежен родител, а сепак да покажете авторитет“.
„Браво за темава. Преморена сум од луѓе кои велат дека практикуваат нежно родителство, а се само пасивни родители“.
Спирова С. | Црнобело