„Моето дете беше жртва на булинг – насилникот беше син на наставник, морав да го запишам во друго училиште“
„Ја навредуваа, ја исклучува од групни активности, ги тераа другите деца да се држат настрана од неа. Дури почнаа и со физичко насилство – истурале пијачки врз неа“, раскажува родител чија ќерка била жртва на булинг. Потресни сведоштва на уште тројца родители чии деца се нашле во слична положба.

Врсничкото насилство, за жал, е проблем што е сеприсутен. Многу деца се жртви, а бидејќи се плашат, не споделуваат ни со родителите.
Има и ситуации кога возрасните воопшто не реагираат, без разлика што се свесни за насилството.
За австралискиот портал Nine, четворица родители ги споделуваат трауматичните искуства на нивните деца со врсничко насилство.
Нивните сведоштва во продолжение:
Прво сведоштво
Првиот родител открил дека неговиот син е жртва на врсничко насилство додека го земал од училиште.
„Чекав да ги земам синовите од училиште и едниот од нив радосно идеше кон автомобилот.
Забележав неколку момчиња како одат зад него, му го копираат секое движење и се смеат“.
Родителот вели дека син му се однесувал чудно и претходно – почнал да си го крие лаптопот.
„Мислев дека го крие од неговите браќа. Потоа престана да го носи на училиште и не ми кажуваше зошто.
Забележав дека секогаш изгледаше напнато кога е на лаптопот и решив да му го ограничам времето, но некогаш мораше да го користи за домашни задачи.
Ова се случуваше некој период“.
Една вечер родителот решил да го провери лаптопот на син му.
„Добиваше пораки една по друга во кои деца го навредуваа, му велеа дека е глупав… Едно дете му напишало и дека бил толку глупав што не знаел како да ги изгаси нотификациите за пораките.
Имаше стотици пораки. Бев ужаснат, но и гневен“.
Родителите не можеле да го решат проблемот, па решиле да го запишат детето во друго училиште.
„Главниот насилник беше син на еден од наставниците, па моите поплаки не ги слушаше никој“.
Второ сведоштво
Вториот родител сфатил дека неговото дете е жртва на насилство откако насилникот се запишал во друго училиште.
Детето претходно немало пријатели, но кога насилникот се префрлил во друго училиште, станало посреќно и се дружело со многу соученици.
„Други родители ми приоѓаа и ми велеа дека нивните деца биле многу среќни што конечно можеле да си играат со моето дете.
Кога ги прашав зошто зборуваат такви работи, ме информираа дека моето дете не смеело да си игра со другите, бидејќи детето насилник не им дозволувало.
Му кажувало на моето дете дека е глупаво и дека не заслужува да има пријатели“.