„Позади сите совршени фотки на Инстаграм, се кријат расфрлани играчки, трошки насекаде, солзи и тантруми...“

Седнав во тоалетот да здивнам откако ги легнав децата. Го листам полека Инстаграм фидот: „Еј, отишле во Мексико, ух види колку убаво си излегле пак во кафана другариве, еј види колкав снешко направила со децава, а моиве немаат видено снег...“

pozadi-site-sovrsheni-fotki-na-instagram-se-krijat-rasfrleni-igrachki-troshki-nasekade-solzi-i-tantrumi-0001.jpg

„Како им е вака средена куќава секогаш со две деца?“

„Ух, си отишле во Солун без деца, блазе си им. Кој им ги чува?“

Не им завидувам на пријателите, напротив, се радувам за нив.

Но, некако повторно се чувствувам како да не правам доволно. Социјалниве мрежи, особено Инстаграм, постојано ме притиска да се докажувам колку сум јас добра, успешна или „најмајка“ на светот.

Проблемот е што и јас го правам истото. Реално.

Ја прикачив фотката од појадокот за викенд на совршено средениот шанк. Но, не ви го покажав ѓубрето расфрлано на сите страни. Трошките разнесени по целиот под. Плочките испрскани со зејтин од штотуку направениот омлет.

Брашното расфрлано насекаде во кое ќерка ми ужива да се валка додека готвам.

pozadi-site-sovrsheni-fotki-na-instagram-se-krijat-rasfrleni-igrachki-troshki-nasekade-solzi-i-tantrumi-04.jpg

Ја прикачив фотката од моите две деца како совршено мирно си играат во дневната. Но, не ги видовте наоколу расфрланите 30 плишани играчки, лего коцки кои упорно се наоѓаат насекаде, ситните лепенки кои 11 месечниот син за малку не ги голтна минута пред фотката, трошките од ручекот на двајцата кои ни 15 кокошки да пуштиме не би можеле да ги исколваат.

pozadi-site-sovrsheni-fotki-na-instagram-se-krijat-rasfrleni-igrachki-troshki-nasekade-solzi-i-tantrumi-02.jpg

Не ја прикачив фотката од кафето во 8 часот вечерта затоа што знаев дека ме чека уште една долга ноќ во која ќе се разбудам минимум 10 пати.

Не ја прикачив фотката од мене и сопругот во автомобил, додека молчиме заради глупавата утринска жестока расправија зошто некој некого погрешно сфатил за нешто. Живи ненаспани.

Не ја прикачив фотката каде сум со раскопчана ноќница, додека едното дете цица, другото повраќа покрај мене, а сопругот му ја држи косата.

Ја видовте фотката од моето вечерно излегување со сопругот – прво во два месеци. За кое ми требаше организација за децата во траење од 5 дена.

Да дојде на време баба им, да сакаат да спијат со неа, да не „урлаат“ кога ќе излеземе. Да се избањам и средам на раат.

pozadi-site-sovrsheni-fotki-na-instagram-se-krijat-rasfrleni-igrachki-troshki-nasekade-solzi-i-tantrumi-05.jpg

Не сум сигурна колку сум добра во мајчинствово.

И тогаш, ми стигна порака на Вибер од другарка ми: „Денес беше ужас! Ми доаѓа да врескам цел ден.“

А, нејзините Инстаграм сторис делуваа како да има магичен ден, исполнет со еднорози, виножита, прекрасна дружба со децата... А, сепак беше само еден обичен ден, баш како мојот.

Фотките кои ви ги покажувам на Инстаграм се реални, но се само еден дел од мојата реалност.

Пробуваме да наметнеме некои нереални стандарди. Не, не верувајте во сè што ви е сервирано на социјалните мрежи. Далеку од тоа дека на сите им е сјајно.

Ве предизвикувам да ги покажеме реалните моменти: нередот, тантрумите, солзите, хаосот – а, не само идиличните фотки.

Треба да знаеме да најдеме убавина во секојдневниот хаос. Затоа што тоа е нашата реалност.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. П. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

„Мојот живот пред децата vs. по децата и зошто не би го менувала за ништо на светот?“ Пред децата, мојата романтична љубов кон партнерот мислев дека е најдлабоката љу...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
Ретро игри со кои ние пораснавме, а денешните деца не (знаат да) ги играат Знаат ли денешните деца да си играат? Колку често нашите деца се надвор и што во...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...
„Одам на работа, се грижам за децата, чистам, а сопругот не прави ништо – решив да се разведам“ „Работам со полно работно време и јас правам сè. Јас готвам, јас го чистам тоале...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg