Двете свадбени прослави на Иво и Настасја од Скопје - сицилијанска бајка во Сули Ан, па во ресторан на зајдисонце во Грција (фото)
„Сули Ан го претворивме во сицилијанска бајка: маси со златни детали, свежи цвеќиња во богати бои, скулптури што потсетуваа на антички времиња и мирис на лимони и маслиново масло во воздухот“, вели Настасја од Скопје за свадбата со саканиот Иво Ранѓеловиќ за CRNOBELO.com, а споделува детали и за втората прослава во Грција.

Иво Ранѓеловиќ (34) од Скопје и Настасја Ранѓеловиќ (26) од Скопје ја крунисаа својата љубов со две бајковити свадбени церемонии, едната во Сули Ан во Старата скопска чаршија, а другата во Грција, на зајдисонце покрај море на Ситонија.
Настасја споделува детали за нивните свадбени церемонии за CRNOBELO.com:
„Свадбата со Иво ја замисливме како нешто повеќе од еден ден, ја замисливме како доживување, како уметност, како момент што ќе ја обележи нашата љубов на најискрен начин.

На 7 септември 2025 година, во Сули Ан, меѓу камените сводови и тивките светла на свеќите, нашата приказна доби своја форма.

Инспирацијата дојде од италијанската уметност на „Sprezzatura“ – начинот на кој елеганцијата изгледа природно, без напор, но со длабока смисла.

Сакавме свадбата да биде токму тоа – природна, топла и вистинска. Сули Ан го претворивме во сицилијанска бајка: маси со златни детали, свежи цвеќиња во богати бои, скулптури што потсетуваа на антички времиња и мирис на лимони и маслиново масло во воздухот.

Нашиот готвач, шеф Александра, создаде мени што беше цела уметност само по себе – комбинација од неочекувани вкусови и деликатна естетика. Секој залак беше дел од нашата приказна.


Моето срце беше полно додека гледав како сите се смеат, разговараат и се чувствуваат дел од нашата љубов.

Мојата венчаница ја создаде Магдалена, дизајнерка со ретка чувствителност и разбирање. Со неа го делев сонот од првиот ден, и заедно создадовме нешто што изгледаше како да излегло од некоја друга епоха.

