Елена Николовска, фризерка, за CRNOBELO: „Дали косата треба да е мрсна или чиста пред фарбање?“
Дали треба да се фарбате на чиста коса? Или е подобро ако косата ви е мрсна? Овој мит за CRNOBELO.com го „разбива“ нашата професионална фризерка Елена Николовска, која има скоро 27-годишно искуство...

Елена Николовска е професионална фризерка од Скопје, која зад себе има кариера долга скоро 27 години - во оваа професија е уште од дете, од својата 10-та година.
А клиентките кои доаѓаат во нејзиниот фризерски салон, Social Hair Salon, секогаш се задоволни од крајниот резултат, без оглед дали станува збор за фарбање, менување на нијансата на бојата на косата или целосна трансформација.
Со своето долгогодишно професионално искуство, Елена за CRNOBELO.com го разбива митот дали косата треба да е чиста или мрсна пред миење, без оглед дали ќе ја бојосувате сами или во салон.

На прашањето - кој е точниот избор, таа вели:
„Еден од најчестите митови кога станува збор за фарбањето коса е дека таа треба да биде многу мрсна и неизмиена за бојата „подобро да фати“.
Ова правило потекнува од времето кога формулите на боите биле многу поагресивни од денешните.
Денес, со модерните професионални формули, ситуацијата е сосема поинаква.

Најдобри резултати се добиваат кога косата е чиста или благо природна (измиена претходниот ден). Зошто?
Подобра пенетрација на бојата - Насобраните масла, прашина, лак, сув шампон или други производи можат да создадат слој што ја спречува бојата рамномерно да навлезе во влакното.
Попрецизна и порамномерна боја - Кога косата е чиста, фризерот може подобро да ја процени природната боја, структурата и порозноста на влакното.
Подобар резултат и подолготрајна боја - Остатоците од разни производи на влакното можат да влијаат на тоа како ќе реагира бојата.

Затоа, сметам дека е идеално пред да ја фарбате косата, таа да е измиена 12 до 24 часа претходно, без тежок слој од производи за стилизирање.
Малото природно масло од скалпот е сосема доволно за да ја заштити кожата, но претераната маснотија не ја подобрува бојата.
Професионалното фарбање секогаш започнува и со правилна подготовка на косата, па затоа во салон често ќе слушнете совет ‘косата да биде чиста пред терминот’.“

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело