Лукот е природен антибиотик, пилешка супа против настинка – кои намирници да ги консумирате за подобар имунитет?
Лимон, портокал, грејпфрут, мандарини – јадете ги свежи, затоа што кога ги подготвуваме исцедени во форма на сок, тие губат многу витамини и минерали.

Како што почнуваат да пристигнуваат намалените есенски температури и променливото време, ни доаѓаат и сезонските вируси и настинки. Секогаш прво на ум ни е дека храната богата со витамини може да помогне во зајакнување на имунолошкиот систем и превенција на организмот од овие сезонски настинки.
Која храна е особено важна за јакнење на имунитетот и потребна да ја вклучите во секојдневното ваше мени?
Цитрусно овошје за имунитет
Цитрусите кои веќе ги има во нашите маркети и пазари се неопходни за да ја вратиме силата на организмот. Тие се полни со витамин Ц. Дневната потреба од овој витамин изнесува 75 mg за жени, а 90 mg за мажи.

Лимон, портокал, грејпфрут, мандарини – јадете ги свежи, затоа што кога ги подготвуваме исцедени во форма на сок, тие губат многу витамини и минерали.
Ѓумбирот како моќно растение против воспаленија
Ова е моќно растение кое ја ублажува воспалителната состојба во организмот. Чајот од ѓумбир во комбинација со мед и лимон е нешто што често го избираме кога сме настинати.
Кинезите практикуваат пиење топла вода и топли пијалаци целата година, дури и во летниот период кога е жешко, затоа што се покажало дека е одлично за градење силен имунитет.

Млечни намирници
Јогуртот е одличен пробиотик задолжителен за подобрување на цревната флора и особено ако примате и антибиотици. Тој е извор и на витамин D, па особено важен да се консумира во деновите кога немаме доволно сонце.
Свежи пиперки
Пиперките содржат трипати повеќе витамин Ц од портокалите. Го зајакнуваат имунитетот, го намалуваат крвниот притисок и ги подобруваат когнитивните функции.

Во пиперките има и витамин А, кој му помага на телото да се бори против заразни болести.
Домашно пилешко месо
Се знае - пилешка супа е првата превенција кога сте настинати и болни. И ова е правило кое го памтиме уште од детството. Пилешкото месо е богато со витамин Б6 кој помага во производството на нови црвени крвни зрнца. Топлата супа е најдобар природен лек за јакнење на имунитетот.

Зелка
Ова е еден од најдобрите извори на витамин C кога станува збор за зеленчук. Може да се јаде свежа, во салати, или да се готви како прилог.
Зелката е богата и со антиоксиданси кои се борат со слободните радикали и ја подобруваат одбранбената способност на телото. Особено е корисна во зима, кога свежата сезонска храна е ограничена.
Спанаќ
Спанаќот е полн со витамин C, антиоксиданси и бета-каротен. Овие состојки може да помогнат во зголемување на способноста на нашиот имунолошки систем да се бори против инфекции.

Важно е да се напомене дека спанаќот не треба долго да се вари — краткото готвење ја подобрува апсорпцијата на витамин A, а дел од хранливите материи се задржуваат повеќе отколку при долготрајно варење.
Лук
Лукот се препорачува да се јаде секојдневно, особено во зимскиот период. Содржи над 200 активни состојки, меѓу кои витамин Б6, витамин Ц, тиамин, а од минералите во најголеми количини има манган, калциум и селен.
Лукот е одличен антиоксиданс кој го зајакнува имунолошкиот систем и ја зголемува отпорноста на инфекции. Се смета за најдобар природен антибиотик, а особено корисен во борбата против бактериите од типот на Ешерихија коли и стафилококите. Се препорачува и во борбата против бронхитис, грип и реума.

Се препорачува дневно да се консумира две до три чешниња лук.
Со здрава исхрана, доволно течности, сон, физичка активност - телото ќе има значително подобра одбрана од вируси и бактерии.
Е. П. | Црнобело / фото: freepik.com
