Превентивни тестови и прегледи што задолжително треба да ги правите по 50-тата
Редовно проверувајте ги крвниот притисок и холестеролот и не го прескокнувајте ПАП тестот, без разлика што со возраста се намалува ризикот од рак на грлото на матката.

Ако се храните здраво и сте физички активни, тогаш и по 50-тата година од животот не би требало да се соочите со посериозни здравствени проблеми.
Но, сепак, ризикот од разни заболувања се зголемува со возраста, а во повеќето случаи раната детекција е клучна за полесно лекување.
Па, кои превентивни прегледи треба да ги правите по 50-тата?
Проверка на крвниот притисок
Високиот крвен притисок може да биде причина за инфаркт, мозочен удар и низа други проблеми.
Вашето целокупно здравје може да страда и без воопшто да бидете свесни дека имате висок крвен притисок.
Затоа важно е да го проверувате редовно, особено по 50-тата година.
Холестерол
Кардиоваскуларните проблеми се меѓу водечките причини за смрт во целиот свет.
Најголем ризичен фактор кај ваквите заболувања е високиот холестерол.
Кога сте помлади и ако водите генерално здрав живот, доволно е да го проверувате холестеролот на неколку години.
Но, кога ќе ја поминете 50-тата година, важно е ваквите тестови да ги правите и еднаш годишно, особено ако сте во ризична група.

Мамографија
Колку порано се забележи ракот на дојка, толку се поголеми шансите за негово успешно лекување.
Експертите се согласуваат дека мамографијата е најдобриот начин за рана детекција на овој тип рак, иако постојат разни ставови за тоа колку често треба да се прави тестот.
Генерално се препорачува жените постари од 50 години да прават тест на секои две години.
Но, ако сметате дека сте во ризична група поради семејна историја или нешто друго, разговарајте со вашиот лекар за почести проверки.
Проверка за рак на дебелото црево
По 45-тата година, ризикот од рак на дебелото црево се зголемува.
Добрите вести се дека постојат тестови со кои може да се детектира рано, со што се зголемуваат шансите за лекување.
Штом сте наполниле 50, разговарајте со вашиот лекар за тоа дали ви е потребен преглед и колку често треба да го правите.
ПАП тест
ПАП тестот се користи за откривање рак на грлото на матката. И ова е вид рак кој се лекува полесно ако се забележи навреме.
Ризикот од рак на грлото на матката се намалува со возраста, но сепак може да се појави и кај жените во менопауза.
За тоа колку често треба да го правите тестот, најдобро консултирајте се со вашиот гинеколог.

Разговор со психолог или психијатар
Депресијата е честа појава кај повозрасните лица, иако ова е тема за којашто ретко се зборува.
Важно е да знаете дека депресијата не е нормален дел од стареењето и може сериозно да го наруши секојдневното функционирање.
Па, ако се чувствувате депресивно, тажно, безнадежно и губите интерес за работи кои претходно сте ги сакале, добро било да се консултирате со експерт.
Впрочем препорачливо е повремено да разговарате со експерт дури и ако се чувствувате генерално добро.
Некогаш животните предизвици создаваат стрес, анксиозност и други проблеми за кои психологот или психијатарот може да ви биде од помош.

Проверка за дијабетес
Поради нездравата храна која е сè поприсутна и намалената физичка активност, значително се зголемува бројот на случаи со дијабетес.
Некои луѓе имаат и таканаречен перидијабетес, состојба во која нивото на шеќер во крвта е повисоко од нормалните граници, но не доволно за да се дијагностицира дијабетес.
Сепак, и ова е состојба која може да биде опасна и да има влијание врз целокупното здравје.
Дијабетесот кој не се третира може да доведе до низа компликации како слепило, проблеми со бубрезите, па и потреба од ампутација на екстремитет.
Затоа, редовно правете прегледи, особено ако имате проблеми со високо ниво на шеќер во крвта.
Спирова С. | Црнобело
