Храна и пијалаци што ќе ви помогнат ако се прејадете за време на празниците (ја намалуваат подуеноста)
Краставиците содржат висок процент на вода и го хидрираат телото, па може да помогнат во намалување на подуеноста. Јогуртот и кефирот, пак, содржат пробиотици кои се добри за дигестивниот систем.

Декември и јануари се период на дружби, славење и, секако, многу храна.
Не сте единствените ако во празничната сезона претерате со јадење, и тоа неколку денови по ред. А, не сте единствени и ако по обилниот оброк подуеноста ви претставува проблем.
Добрите вести се дека има храна и пијалаци кои можат да ви помогнат овој период.
Па, покрај храната што ќе ја јадете на собирите со саканите, потрудете се да внесувате повеќе и од овие намирници.
Храна што ја намалува подуеноста:
Краставица
Краставиците содржат висок процент на вода, што значи дека го хидрираат телото.
Ова, пак, може да го спречи задржувањето на вода и да ви помогне ако подуеноста е предизвикана од дехидратација.
Ѓумбир
Ѓумбирот може да го смири дигестивниот систем, може да го забрза и празнењето на цревата, а со тоа да ја намали подуеноста.

Банани
Бананите се богати со хранливи влакна, но и со калиум.
Калиумот го спречува задржувањето на вода во организмот што неретко е причина за подуеност.
Овес
Овесот содржи хранливи влакна кои го намалуваат создавањето на гас во дигестивниот систем.
Па, во празничната сезона, препорачливо е да појадувате овес.
Киви
Кивито содржи бројни хранливи материи, вклучувајќи хранливи влакна и калиум.
Исто така содржи и вид ензим кој ја подобрува дигестијата и може да го забрза празнењето на цревата.
Што значи, ова овошје помага во намалување на симптомите како подуеност, болка и констипација.

Пијалаци кои ја намалуваат подуеноста:
Јогурт
Јогуртот, но и другите ферментирани млечни продукти се богати со пробиотици кои докажано ја намалуваат подуеноста.
Исто така, можат да го регулираат одењето во тоалет, што дополнително ќе ви биде од помош.
Зелен чај
Зелениот чај има антиоксиданти кои според некои истражувања може да ги намалат симптомите како подуеност.
Исто така, содржи и кофеин, поради што делува како природен лаксатив.

Чај од нане
Чајот од нане често се користи за дигестивни проблеми. Може да го спречи грчењето на желудникот и цревата, со што го намалува непријатното чувство откако ќе изедете многу храна.
Комбуха
Комбухата е ферментиран пијалак, па е богата со пробиотици.
Но, важно е да не претерате бидејќи тогаш може да ви ја влоши подуеноста.
Кефир
Кефирот е уште еден ферментиран млечен производ кој делува слично како јогуртот.

Спирова С.| Црнобело