Колку е безбедно сами да ги отстранувате поткожните влакна (и може ли да ги спречите)?
Во некои ситуации е безбедно сами да го отстраните поткожното влакно, но треба да следите некои правила. Доколку влакното е инфицирано, а забележувате и гној, немојте никако да пробате да го отстраните сами бидејќи ќе си направите лузна и може да го влошите проблемот.

Ако постои едно нешто што сите го мразат подеднакво, тоа сигурно се поткожните влакна.
Како што кажува името, поткожните влакна растат под кожата, наместо да ја пробијат, по бричење или депилирање.
Некогаш можат да бидат болни, да предизвикаат чешање, а факт е и дека не изгледаат најубаво.
Ако сте како повеќето, можеби имате навика да ги отстранувате грубо, но некогаш ова може да ви создаде повеќе проблеми, како на пример инфекција.
Што треба да знаете за поткожните влакна и како правилно да ги отстраните?
Кога и зошто се појавуваат поткожните влакна?
Поткожните влакна се многу честа појава и веројатно сите ќе се соочат со нив во текот на животот.
Ако се бричите, депилирате или ако ги отстранувате влакната со пинцета, секогаш постои ризик да ви се појави и поткожно влакно.
Исто така, луѓето со потемна кожа, како и оние со погусти влакна и виткана коса се изложени на поголем ризик од поткожни влакна.
Најчесто се појавуваат на препоните, нозете, пазувите и лицето бидејќи ова се и областите што најчесто се бричат и депилираат.
Сепак, постои можност да се појави поткожно влакно и на другите делови од телото каде што растат влакна.
Кои се симптомите на поткожни влакна?
Симптомите на поткожно влакно можат да бидат многу слични со друга иритација на кожата, вклучувајќи и акни и мозолчиња.
Затоа е важно да не пробувате да ги отстраните доколку не сте сигурни што е.
Најчесто се јавуваат симптоми како:
- Иритација на кожата
- Мала испакнатина во чија средина се гледа влакното
- Болка
- Промена на бојата на кожата
- Чешање
Ако влакното се инфицира, испакнатината може да стане поголема, но и да чувствувате болка. Некогаш се формира и гној околу влакното.
Како се третираат поткожните влакна?
За да избегнете инфекција или појава на лузна, немојте да пробувате а го отстраните влакното ако е целосно под кожата.
Никако немојте да пробувате да го истиснувате гнојот бидејќи ова ќе ја оштети кожата.
Поткожните влакна обично поминуваат сами за недела-две – колку што им е потребно да пораснат и да ја пробијат кожата.
Ако влакното е малку излезено над кожата, а не е воспалено, тогаш можете да пробате да го отстраните со стерилна пинцета.
Најпрво направете нежен пилинг на кожата и измијте ја со топла, не жешка вода.
Потоа нанесете алкохол на кожата за дезинфекција, па нежно извадете го влакното со пинцета.
Доколку не можете да го извадите сами, не поминува по две недели или забележувате дека инфекцијата се влошува, тогаш одете на лекар.
Во некои ситуации може да ви биде препишан лек кој ќе го намали воспалението, а некогаш и лекарот може да го отстрани со минимален зафат.
Можете ли да ја спречите појавата на поткожни влакна?
Не можете целосно да ја спречите оваа појава, но сепак можете да го намалите ризикот.
- Пред бричење, навлажнете ја кожата со топла вода.
- Кога се бричите секогаш користете соодветен гел или крем за бричење.
- Користете брич со еден жилет.
- Бричете ги влакната во насоката на којашто растат.
- Редовно менувајте го бричот.
- Доколку се депилирате, пред депилација направете нежен пилинг на кожата.
Спирова С | Црнобело
