Марија од Загреб: „Љубовта на сопругот ме извлече од пеколот на ракот на матка - не излегов скршена, излегов посилна“
„Да не отидев на преглед, немаше да знам дека имам рак. Телото речиси и не ме предупреди. За среќа, мојот Милан беше сè: сопруг, пријател, медицински техничар, утеха и сила. Вистински супермен...“, вели Марија Бушљета Скендер од Загреб.

Марија Бушљета Скендер (42) од Загреб e жена која зад себе има тешка битка, битка со ракот на грлото на матката.
Операцијата ѝ била на 15 јули 2020 година и за себе вели дека веќе 5 години е здрава жена.
Таа за регионалните медиуми вели дека болеста ѝ била откриена речиси случајно, без јасни симптоми.
Нејзиното искуство е силен потсетник дека овој карцином е превентабилен, но и опасен токму затоа што во раните фази често поминува незабележано.
Ракот на грлото на матката е еден од најчестите малигни карциноми кај жените, но и еден од оние кои најуспешно се спречуваат со редовни гинеколошки прегледи, ПАП тестови и навремена дијагностика.
Марија открива дека четири години не била на гинеколог, не од негрижа, туку поради брзото темпо на живот и постојаното „утре ќе одам“.
Немала симптоми, односно немала болки, неправилни циклуси или тегоби, освен повремено крварење по однос, кое го припишувала на менструацијата.
„Да не отидев на преглед, немаше да знам дека имам рак. Телото речиси и не ме предупреди“.
Лошиот ПАП тест, а потоа биопсијата, ја откриле вистината, дека има рак на грлото на матката во напредна фаза.
Првата реакција ѝ била неверување, потоа страв, паника и чувство како да „паѓаш во бездна“.
Прифаќањето не дошло одеднаш, туку како процес.
„Не се помируваш со тоа. Само во еден момент престануваш да бегаш и почнуваш да се бориш“, вели таа.
Нејзиниот сопруг Милан бил нејзината најголема поддршка - емотивно, физички и психолошки.
„Беше сè: сопруг, пријател, медицински техничар, утеха и сила. Вистински супермен...“
