Ана Најдовска расте две деца во Норвешка: „Докторите тука преку видео повик гледаат како дише бебето кога е болно“
„Искрено, патувањето во Скопје овој пат беше малку стресно. Оби имаше температура, кашлица и потешко дишење. Бевме кај повеќе доктори и секој имаше различен пристап од инјекции, сирупи и инхалации, до предлог за инфузија и антибиотик, иако CRP му беше низок и не покажуваше нешто сериозно. Во Норвешка пристапот е поразличен. Најчесто препорачуваат само одмор, течности и парацетамол доколку е потребно“, вели Ана Најдовска, мајка на 2 деца и открива кои се разликите со Норвешка.

Ана Најдовска од Скопје со сопругот Чума Анене, ќерката Оланна и синот Оби живее во Осло, Норвешка, но неретко ја посетува својата родна Македонија.
Сега, по една таква посета на Македонија, таа доби прашања како се справила со вирусите тука, но и каков е пристап кон здравјето на децата во Норвешка.

Ана сподели низа информации на Инстаграм Стори, одговарајќи на прашања на следбениците:
Како помина малиот со вирусите во Скопје?
Искрено, искуството во Скопје беше малку стресно. Оби имаше температура, кашлица и потешко дишење.
Бевме кај повеќе доктори и секој имаше различен пристап од инјекции, сирупи и инхалации, до предлог за инфузија и антибиотик, иако CRP му беше низок и не покажуваше нешто сериозно.
Правевме инхалации и одлучивме само да го следиме и, за среќа, многу брзо се подобри без дополнителна терапија.

Во Норвешка пристапот е поразличен. Најчесто препорачуваат одмор, течности и парацетамол доколку е потребно.
Пред да го однесеш бебето на преглед, прават видео повик, го гледаат како дише и како изгледа, и проценуваат дали има потреба од преглед.
Така се избегнуваат непотребни одења по болници и изложување на други болни деца, и се остава детето да одмора.

Се разболуваат ли децата често во Норвешка и како ги поминуваат вирусите таму?
Како и сите деца понекогаш се разболуваат, но генерално во Норвешка се поретки настинките благодарение на чистиот воздух и добрите здравствени услови.
Кога имаат вируси, ги поминуваме дома со многу одмор и течности, без посебни лекови, и досега никогаш не им биле потребни антибиотици.

Кои суплементи се даваат на деца во Норвешка? Дали даваш Омега-3 и витамин Д3 на бебето бидејќи нема многу сонце, како и кај нас во Германија?
Во Норвешка најчесто се препорачува само витамин Д, посебно за бебиња и мали деца.
Други суплементи како Омега-3 или мултивитамини се даваат само ако има потреба.
Оланна моментално не пие никакви суплементи, а Оби само витамин ДЗ.

