Помалку очигледни грешки со микробранова печка кои можат да бидат и опасни
Ако одмрзнувате месо, мора да бидете особено внимателни и да следите одредени чекори – во спротивно, поради топлината ќе се забрза развојот на бактерии и може да се соочите со труење.

Денес речиси и да нема дом без микробранова печка и иако е корисна за безброј работи, може да биде и опасна ако не сте внимателни.
Сите знаеме дека не треба да ставаме метал во микробранова, но постојат и други ризици кои не се толку очигледни.
Грешки кои треба да ги имате предвид:
Одмрзнување месо
Можете да одмрзнете месо во микробранова печка, но треба да следите некои чекори за одмрзнувањето да биде безбедно.
Ако микробрановата е наместена на повисока температура, која го поттикнува размножувањето на бактериите, тогаш може да се соочите и со труење.
Треба да ја наместите микробрановата печка на опцијата за одмрзнување бидејќи тогаш работи со помала моќност и се избегнува размножувањето на бактериите.
За месо од околу половина килограм треба да ја вклучите микробрановата на осум до десет минути, но времето може да варира во зависност од моделот на микробрановата.
Исто така, важно е да го проверувате месото на секои минута-две и да го превртувате.
Откако ќе го одмрзнете месото со микробранова, важно е веднаш да го зготвите – во спротивно, ќе почнат да се развиваат бактерии.
Но, бидејќи овој процес е сложен, секогаш ви е побезбедно одвечер да го извадите месото од замрзнувач и да го ставите во фрижидер, па до следниот ден ќе биде одмрзнато.
Готвење јајца со лушпа
Можете да готвите јајца во микробранова, но никако немојте да ги ставате со лушпа.
Ако јајцето е во лушпа, кога ќе го ставите во микробранова, неговата внатрешност ќе се загрее и ќе создаде многу силен притисок, па тоа може и да експлодира.
За јајца во лушпа, најбезбедно е да ги варите во тенџере.
Загревање мајчино млеко
Не е препорачливо да го загревате млекото за вашето бебе во микробранова.
Иако е течност, може да се загрее нерамномерно, па бебето да се изгори.
Користење одредени керамички садови во микробрановата
Иако повеќето керамички садови се безбедни за микробранова, постојат исклучоци.
Ако, на пример, садот е обоен со боја која содржи метал, не треба да го ставате во микробранова.
Најбезбедно ви е да проверите дали садот е погоден за микробранова печка – на него треба да биде втиснат симбол, сличен на илустрацијата подоле.
Можете и секогаш да прашате во продавницата од каде што го купувате.
