На гости во семејниот дом на Давор - Dave’s Kitchen во Охрид: Куќа со пространа кујна, поглед кон езерото и рајско дворче (фото)
- Детали
- сабота, 28 јуни 2025
„Пред 10 години со семејството одлучивме да купиме нешто во Охрид, а оттука и идејата моите родители да се преселат целосно во еден од најубавите градови во Македонија. Па, сакавме тоа да биде направено онака мераклиски како за своја душа“, вели Давор Панчевски, кој живее во Скопје, но секој слободен миг го минува во Охрид.

Давор Панчевски, познат како Dave’s Kitchen, има завршено Економски факултет, а како професија го избрал маркетингот, но сепак најголема љубов му е готвењето и тоа го работи речиси една деценија.
Давор е од Скопје, но во Охрид има викенд куќа и често патува таму, па поради тоа многумина мислат дека живее таму.
Но, таму живеат неговите родители, а тој често оди на посета.
За уредувањето на овој семеен дом Давор открива за CRNOBELO.com:
„Охрид за мене не е само за добро поминат викенд, туку и место од кое ги црпам најдобрите идеи за готвење.

Пред 10 години со семејството одлучивме да купиме нешто во Охрид, а оттука и идејата моите родители да се преселат целосно во еден од најубавите градови во Македонија.

Кога веќе некој престојува целосно во друг град решивме тоа да биде направено онака мераклиски како за своја душа. Па, изборот не падна на класичен стан, туку апартман со двор.

Локациски апартманот се наоѓа на 4 километри од Охрид.


Апартманот или јас како што си ја викам куќата, бидејќи има и двор, располага со две спални соби, голема дневна, два тоалети, голема и пространа тераса која не само што има летна мини кујна, туку плени и со својот прекрасен поглед.


Нормално, тука е и кујната која има прекрасен поглед на борова шума и Охридското Езеро.


