5 ситници за попријатна атмосфера во домот во есен и зима (без да трошите многу пари)
За миговите кога се релаксирате, купете евтина столна ламба со жолта сијалица, а на креветот постелете мек прекривач.

Во постудените месеци, сакаме домот да ни изгледа „потопло“ и „поудобно“, а за да го постигнете ова, не мора да потрошите цело богатство.
Доволно се да додадете само некои ситници и веднаш да забележите разлика.
Пет детали што создаваат пријатна атмосфера во домот:
Жолто светло
Белата светлина е одлична кога работите нешто, но за миговите кога сакате да се релаксирате, потребно ви е жолто светло.
Доволно ви е да купите само една подна или столна ламба со жолто светло и драстично ќе го промените амбиентот во собата.
Сличен ефект ќе постигнете и со сијалички со жолта боја.
Меки текстури
Меките текстури делуваат релаксирачки и прават огромна разлика во изгледот. Овде спаѓаат материјали како волна и вештачко крзно.
Ако сте со поограничен буџет, доволно е да купите „крзнени“ навлаки за декоративните перници или, пак, да ставите меки прекривачи на креветите.
Доколку можете да одвоите повеќе пари, тогаш можете да купите мек тепих кој ќе го постелите во постудените месеци или, пак, само некој помал крзнен килим.
Растенија
Без разлика на сезоната, растенијата секогаш го прават домот попријатен.
Покрај свежите, зелени растенија, во есен и зима можете да си направите и декорации со суви лисја или гранчиња.
Како што наближува празничната сезона, пак, декорирајте со гранчиња од елка, шишарки…
Акцентиран ѕид
Ако ентериерот ви делува монотоно, можете да направите драстична разлика ако акцентирате само еден ѕид.
И, не мора да купувате ништо – само закачете слики, фотографии и украси што веќе ги имате.
Закачете огледало
Иако за ова можеби ќе треба да одвоите малку повеќе пари, доколку сте во можност, купете огледало со убава рамка.
За визуелно да го зголемите просторот, најдобро закачете го спроти прозорец.
Спирова С. | Црнобело
