3 идеи како практично да го уредите домот, според експерти за дизајн
„Практичен ентериер е оној што може да го издржи секојдневниот живот. Не бара постојано одржување, лесно се прилагодува на промените и останува релевантен дури и со текот на годините“, вели експерт за ентериери од Русија.

Ентериерите што ги гледаме на фотографии не се секогаш практични. Многу од нив се пријатни за око, но не нудат удобен живот.
Па, ако сакате да го уредите вашиот дом што е можно пофункционално и поефикасно, тогаш е препорачливо да изберете неколку практични стилови кои ќе ги вклопите дома.
Тие, од една страна, ќе се погрижат за вашата удобност, а од друга страна ќе го направат домот пријатен и за гледање.

Русинката Јулија Сљусарева е водечки архитект во архитектонското и градежното биро Render House и таа има неколку совети како да го уредите ентериерот за да е фунционален, но и удобен.
„Практичен ентериер е оној што може да го издржи секојдневниот живот.
Не бара постојано одржување, лесно се прилагодува на промените и останува релевантен дури и со текот на годините,“ вели таа.

А меѓу популарните стилови, таа идентификува три главни, кои може да ги примени секој:
Скандинавски стил
Овој дизајн е рамнотежа на едноставност и удобност.
Се базира на светли и нежни нијанси: бела, сива и беж, а тие добро ја рефлектираат светлината и визуелно го зголемуваат просторот.
Овие ентериери користат природни материјали, а истовремено се лесни за чистење и одржување.
Декорот во скандинавски стил е минималистички и не го преоптоварува ентериерот.
Мебелот е функционален, со многу опции за складирање и ефикасно користење на просторот.
Главната предност на скандинавскиот стил е тоа што е лесен за ажурирање.
Едноставно, променете го текстилот или декорот со нови детали и ентериерот ќе блеска - притоа нема потреба од реновирање.

Минималистички стил
Минимализмот е наједноставниот стил - тука нема случајни детали, а поставеноста на секој предмет и секоја функција е оправдана.
Во ентериерот доминираат едноставни форми и линии, мебелот е функционален и модуларен, без непотребна декорација.
Вградените системи за складирање ги кријат предметите за домаќинството, создавајќи чувство на чистота и ред во просторот.
Палетата на бои е претежно светла, со повремени акценти на беж, темно кафеава и црна боја.
Примарни материјали се камен, стакло, метал и висококвалитетни композити кои се отпорни на абење.
Минимализмот се цени и поради неговата практичност. Стилот не го преоптоварува просторот и не бара постојано одржување.

Современ стил
Овој стил комбинира минималистичка естетика, функционалност и природни материјали.
Тој е практичен затоа што е спој на најдобрите решенија од различни стилови.
Тој вклучува модуларен мебел и парчиња што се трансформираат, како што се софи на расклопување, или скриени работни површини кои беспрекорно се интегрираат во просторот.
Исто така, дел од овие парчиња во секое време лесно може да се заменат со нови кои се висококвалитетни, изработени од материјали кои се лесни за чистење.

