Во кујна со Марјан од Скопје: Домашни кифлички по рецепт на неговата мајка
„Уште од мал, гледајќи ја мајка ми како меси и прави разни ‘лудории’ во нашиот омилен заеднички простор наречен кујна, почувствував дел од таа магија. Најмногу сакам да правам сè што има врска со тесто, а тоа се најчесто пици, пити, банички, кифлички, кроасани“, вели Марјан (40) од Скопје и го сподели својот рецепт за вкусни кифлички.

Марјан Максимовски (40) од Скопје по професија е туристички техничар, но животот го однел во сосема друг правец, па денес работи во компанија од областа на автомобилската индустрија, каде што, вели, стекнал нови искуства и интереси.
„Сакам природа, сакам да патувам и да се дружам со мојот мал круг на пријатели, сакам чаша добро вино, сакам креативни работи - од готвење па сè до уметност“, вели тој.

Марјан за CRNOBELO.com открива дека готвењето за него е начин да изрази љубов:
„Уште од мали нозе, гледајќи ја мајка ми како меси и прави разни ‘лудории’ во нашиот омилен заеднички простор наречен кујна, почувствував дел од таа магија и неодолива желба и јас да пробам да се вмешам.
Денес најмногу сакам да правам сè што има врска со тесто, а тоа се најчесто пици, пити, банички, кифлички, кроасани. Воедно сум голем љубител на паста.
Најчесто сакам да готвам солени јадења, ама знам да изненадам и со некој убав колач. А за јадење, вешт сум и на двете полиња“.

За нашите читатели, Марјан го сподели својот рецепт за лиснати, односно „надуени кифлички“, кои обожава да ги подготвува.
Потребни состојки:
За тестото:
- 1kg брашно
- 500ml млеко
- 2 лажички сол
- 1 лажичка шеќер
- 1 јајце
- 1 кесичка сув квасец
- 50ml масло
За фил помеѓу корите:
- 200g маргарин или путер
За премачкување:
- 1 јајце (белка или жолчка) по избор
- 2 лажици млеко
- сусам или ким

Начин на подготовка:
- Од сите состојки се замесува меко тесто, без грутчиња и се остава покриено да стасува отприлика 30 до 60 мин.
- Откако ќе стаса тестото, повторно се премесува и повторно се враќа да стасува, уште некои 30-ина минути.
- Откако ќе стаса, се дели на неколку мали топчиња.
- Секое топче малку се расукува, па врз него се ренда или премачкува путер/маргарин.
- Корите се редат една врз друга, а меѓу сите нив се става маргарин или путер.
- Последната кора не се премачкува (може само малку да се набрашни) и сите наредени кори се сукаат во една голема кора.
- Од неа се сечат триаголници со големина по ваш избор.
- Потоа секој триаголник нежно се витка за да добиете форма на кифла или кроасан.
- Кифлите се редат врз подмачкан плех или плех со хартија за готвење, па треба да се остават да нараснат додека се загрева рерната (на 200°С).
- Пред да се стават да се печат, се прави смеса за премачкување од една белка или жолчка со 2 лажици млеко, со која се премачкуваат, а потоа се наросуваат со сусам или ким.
- Се печат околу 20 минути, или додека да добијат убава румена боја.
Повеќе фотографии:





А. Ј. | Црнобело
