Во кујна со Сања Савеска: Божиќни путер колачиња, совршени за празничната трпеза
„Готвењето е мојата голема љубов уште од кога бев мала. Никогаш не ми е мака, никогаш не е обврска, напротив, среќна сум кога готвам“, ни кажа водителката на „Брза кујна“, Сања Савеска и го сподели својот рецепт за божиќни колачиња.

Водителката на емисијата „Брза кујна“, Сања Савеска, е голем гурман.
Освен што ужива во храната, таа сака и да готви и вели дека е среќна кога со својата храна ќе им измами насмевка на луѓето за коишто готвела.
Во пресрет на празниците, таа подготви божиќни колачиња и многу умешно ги декорираше.

За љубовта кон готвењето, но и како ги подготви овие колачиња, Сања раскажа за CRNOBELO.com:
„Готвењето е мојата голема љубов уште од кога бев мала.
Таму, помеѓу вкусовите, мирисите и топлината на домот, секогаш го наоѓам мојот мир.
Ме исполнува моментот кога ќе создадам нешто убаво и ќе видам насмевка на лицата на оние што ги сакам.
Никогаш не ми е мака, никогаш не е обврска - секој оброк е приказна подготвена со љубов, внимание и вистинска радост.
Затоа што за мене, храната е начин да подариш дел од себе.
Ме радува убаво подготвена домашна храна. Среќна сум кога готвам“.

Како да ги подготвите божиќните колачиња?
Потребни состојки:
За колачите:
- 125g путер (омекнат на собна температура)
- 100g кафеав шеќер
- 3 лажици мед
- 1 јајце
- 370g брашно
- 1 лажичка сода бикарбона
- 1 лажица мелен ѓумбир
- 1 лажичка цимет
- ¼ лажичка каранфилче
- ¼ лажичка морско оревче
- ½ лажичка сол

За глазурата:
- 1 белка
- 120 g шеќер во прав (просеан)
- 1 лажичка сок од лимон

Начин на подготовка:
- Изматете го путерот со кафеавиот шеќер и медот додека смесата не стане мазна.
- Додајте го јајцето и мешајте убаво за да се спојат во компактна смеса.
- Постепено додајте ги сувите состојки и замесете тесто.
- Завиткајте го тестото во фолија и оставете го во фрижидер минимум 1 час.
- Расукајте го тестото и исечете форми со калапчиња за колачи.
- Ставете ги колачите во плех обложен со хартија, па печете на 180°C околу 10 минути или додека да добијат златна боја.
- Во меѓувреме подгответе ја глазурата.
- Во сад изматете ја белката кратко додека да се запени.
- Постепено додавајте го шеќерот во прав и продолжете да матите додека смесата да стане густа и мазна.
- Додајте го сокот од лимон и измешај уште кратко и смесата ќе добие убава бела и сјајна текстура.
- Ако е прегуста, додадете капка лимон или вода, а ако е ретка уште малку шеќер во прав.
- Користете ќесички за фил за во нив да ја ставите глазурата и да почнете со украсувањето, а завршете со шарени бонбончиња.


Видео постапка:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
