Во кујна со Ангела од Кочани: Домашни пиварки со кокос и ореви, по рецепт од баба ѝ
„Голем љубител на готвењето сум, почнав да готвам јадења уште од 4-то одделение, а сите рецепти старински ми се од баба ми“ - вели за CRNOBELO.com Ангела (25) од Кочани и споделува рецепт за вкусни пиварки со ореви и кокос.

Ангела Костадинова (25) од Кочани, по професија е медицинска сестра, но во слободното време обожава да готви.
Иако има мало бебе од 3 месеци, таа сепак успева да најде време да зготви нешто интересно за семејството, а ни сподели дека оваа пасија ѝ се родила уште во 4-то одделение.

Покрај многуте традиционални рецепти кои ги има направено, овој пат ги издвојуваме старинските благи пиварки.
За CRNOBELO.com Ангела го сподели рецептот, кој го има добиено од баба ѝ.
Потребни состојки:
За тесто за колачите:
- 3 шолји брашно
- ½ шолја гриз
- ½ шолја пиво
- 1 пакетче прашок за печиво
- 1 шолја зејтин
За шербет:
- 600g шеќер
- 400ml вода
- 2 пакетчиња ванилин шеќер
- Малку лимон
Додатоци:
- Оревчиња за внатре, по желба
- Кокос или мелени ореви за увалкување

Начин на подготовка:
- Јас мерам со шолја во која што собира околу 300 ml течност и со истата шолја ги мерам сите состојки.
- Во еден сад се мешаат сите состојки за тестото, се замесува убаво и не треба да се остава да одмара, може веднаш да се прават.
- Од тестото се оформуваат топчиња, малку се сплескуваат, се додаваат 2-3 оревчиња и потоа се витка во форма на долгнавести кифлички.
- Се редат на плех врз хартија за печење и се печат во загреана рерна на 220°С околу 20 минути.
- Во мало тенџере се ставаат шеќерот, водата, ванилата и може малку цеден лимон и се остава шербетот да врие околу 10-15 минути.
- Топлите пиварки се потопуваат во топол шербер убаво и потоа се валкаат во мелени ореви и кокос.
- Пиварките се највкусни откако ќе отстојат еден ден.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
