Мени од 4 посни рецепти за бадниковата вечера

Бадник е денот кога целото семејство се собира на трпеза и го одбележува големиот празник со кршење на лепче со паричка.

meni-od-4-jadenja-za-badnikovata-vechera-01.jpg

Но, на трпезата, покрај лепчето, секогаш има уште неколку работи, кои секоја година се повторуваат, бидејќи многумина сметаат дека нема многу избор.

Сепак, има многу голем избор на јадења кои ќе ја збогатат посната трпеза, а ние ви нудиме неколку рецепти за да внесете нешто ново.

Мени од 5 јадења за Бадниковата вечера:

Посна пита

Потребни состојки:

  • 500 g кора за пита
  • 1 голема главица кромид (исечкан)
  • 1 голем компир
  • 1 голем морков (рендан)
  • 100 g шампињони (или помалку, по желба)
  • 1 шолја или 200 ml ориз
  • 100 g посно сирење
  • 1 лажица сув зачин по желба
  • ½ лажица сол
  • ½ лажица бибер
  • Малку магдонос
  • 200 ml масло

Начин на подготовка:

Кромидот запржете го на 100 ml масло и продинстајте го со малку вода, па додадете уште малку вода и ставете го морковот, компирот и потоа шампињоните, па издинстајте ги малку со мешање.

Посебно ставете го оризот да се свари и оставете го да се исцеди, па измешајте го со другите состојки, зачинете го и оставете да се излади малку. На млако додадете го изренданото тврдо сирење и измешајте, а рерната нека се загрее на 200⁰С.

Корите поделете ги на 4 или 5 еднакви дела, зависно од дебелината. Земете 3 кори, па во ширина ставете дел од филот и свиткајте ја едната страна, па малку виткајте по страните и потоа сѐ заедно.

Намачкајте го плехот со масло и наредете ги ролатите, но претходно направете по неколку дупчиња со нож и прелијте малку вода (околу 2-3 лажици на секој дел) и оставете да се печат 30 минути.

Откако ќе се испече, премачкајте ги со масло и покријте со крпа да отстои 10-25 минути.

meni-od-4-jadenja-za-badnikovata-vechera-02.jpg

Печен компир со шампињони и праз

Потребни состојки:

  • 1 тенок праз
  • 400 g шампињони
  • 4 големи копири
  • 1 лажица сув зачин
  • 2 лажиси маслиново масло
  • 1 лажица брашно
  • ½ лажица куркума
  • Сол и вода

Начин на подготовка:

Исечкајте го празот, па додадете чаша вода, масло и сув зачин и ставете да се динста. За тоа време, исчестете го компирот и исечете на крупни коцки, па ставете да се вари 10 минути.

Во глинен сад ставете половина од подготвениот праз, распоредете го и потоа ставете го и исцедениот компир и измиените шампињони.

Во остатокот од празот ставете 250 ml вода, малку сол, куркума и лажица брашно, па измешајте сѐ заедно. Врз оваа смеса, ставете ги компирот и шампињоните и печете половина час на 220⁰С, со капак,  потоа извадете го капакот и печете уште половина час (се пече подолго бидејќи во глинен сад е пторебно повеќе време).

meni-od-4-jadenja-za-badnikovata-vechera-03.jpg

Салата од туна и грав

Потребни состојки:

  • 400 g туна
  • 400 g варен грав
  • 2 главици розов кромид
  • 2 лажици маслинки
  • Сок од пола лимон
  • 1 лажица балзамико
  • Маслиново масло

Начин на подготовка:

Исцедете ги туната и гравот и гравот промешајте го со оцетот и маслиновото масло, а туната потопете ја со лимонов сок, па додадете го гравот, измешајте и ставете ги маслинките.

Кромидот исечкајте го на големи кругови и додадете го во салатата, па оставете да отстои половина час пред послужување.

meni-od-4-jadenja-za-badnikovata-vechera-04.jpg

Чоколадна посна торта

Потребни состојки:

За тесто:

  • 300 g брашно
  • 250 g шеќер
  • 1 прашок за пециво
  • Прстофат сода бикарбона
  • 3 лажици џем од кајсии
  • 100 g мелени ореви
  • 300 ml кисела вода
  • 4 лажици како

За фил:

  • 1 l вода
  • 3 кесички пудинг од ванила или чоколадо (посен)
  • 1 лажица брашно
  • 100 g посно чоколадо за готвење
  • 200 g посен маргарин
  • 3 лажици шеќер
  • 50 g шеќер во прав
  • 300 g посен шлаг
  • Кисела вода за матење на шлагот

Начин на подготовка:

Загрејте ја рерната на 200⁰С. Измешајте ги сите состојки за тестото и добро проматете ги, ставете хартија за печење на плехот и ставете ја смесата да се пече 20-25 минути.

За филот, измешајте ги шеќерот, пудингот, брашното и измешајте со 250 ml вода. Ставете да проврие, па потоа мешајте додека не згусне. На крај додадете го чоколадото и мешајте додека не се стопи, па ставете да се излади смесата.

Кога филот ќе биде млак, ставете го во фрижидер да се стврдне. Изматете маргарин со шеќер во прав, па додадете го изладениот пудинг и изматете. Изматете го и шлагот со 150 ml кисела вода.

Тестото исечете го во ширина на три еднакви дела.

Редење: кора 1, фил од чоколадо, шлаг, кора 2, фил од чоколадо, шлаг, кора 3, остаток од филот, шлаг.

meni-od-4-jadenja-za-badnikovata-vechera-05.jpg

 М. М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Вкусни домашни чорбести јадења за 5 дена во неделата Пет рецепти за највкусните домашни јадења кои сигурно ви ги правеле дома, а преп...
2 рецепта за посното мени на Свети Никола што може да ги подготвите и во последен миг Рибата можете да ја испечете во Air Fryer, а во компир салатата да додадете и ма...
Лесен рецепт за фалафел - крцкави ќофтиња од наут Во речиси сите ресторани каде што служат здрава храна на менито може да го забел...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg