Бевме на вечера кај Павле Камилоски: „Тестенини со ракчиња ми се специјалитет, талентот за готвење го наследив од мајка ми“
Кога во октомври се дружевме на Макфест, каде што Павле Камилоски пееше, а ние известувавме од фестивалот, тој ни рече: „Сакам да ми дојдете на вечера, сите од редакција, јас ќе ви готвам“. По еден месец, дел од екипата на CRNOBELO.com беше на вечера во неговиот дом. Како си поминавме во неговиот дом, погледнете и во видеото на крај.

Откако долго време на Инстаграм Стори гледавме како Павле Камилоски го приготвува својот специјалитет - таљатели со ракчиња, во путер и црвен сос, тој нè покани во неговиот дом на вечера.
Нè пречека расположен, веќе почнал да готви, и рече, само чекал да дојдеме за да почнеме да се дружиме.

Опуштено, во супер атмосфера, со многу смеа, и фина музика, Павле ни готвеше, но и ни раскажуваше како го подготвува својот специјалитет.
Прво нè пречека со предјадење - модар патлиџан со сос од чери домати, маслиново масло и босилок, а врз него додаде малку балсамико и рендан пармезан.


Потоа, почна да ни ги открива тајните на вечерата што ја подготвуваше:
„Ги одвоив главите од ракчињата и нив ги користам за да го спремам сосот, зашто содржат многу сок, после ќе ги фрлиме, тие не се јадат.
Ракчињата ги маринирам со малку лимон и лук, нив ќе ги пржаме подоцна“, ни рече и призна дека многу често ги приготвува кога им доаѓаат гости.


Го прашавме дали ова било првото јадење што ѝ го спремил на сопругата Ирина за да ја освои, а тој со насмевка рече:
„На Ирина прво ѝ направив лосос и рече дека тоа е најубавиот лосос што некогаш го јадела, мора да даде комплимент“, ни кажа тој.

Додека готвеше, имаше мала помош од синот Јосиф, а потоа се пошегува и рече „Ирина многу ме кара дека правам хаос додека готвам“.
„Кој го чисти хаосот?“, нè интересираше.
„Нема да кажам, ха, ха, ха“, ни одговори.

