Маринела oд Македонска Каменица живее во Швајцарија: „Цирих е исклучително чист и безбеден - сè е совршено организирано“
- Детали
- вторник, 17 јуни 2025
„Кај Швајцарците спонтаноста е реткост, но тоа создава навика на организиран живот. Многу се професионални и со високо ниво на одговорност, работата ја сфаќаат како дел од идентитетот“, Маринела (22), која со свршеникот живее во Цирих.

Маринела (22) потекнува од малото, но многу убаво гратче Македонска Каменица, а по професија е дипломиран инженер архитект - насока внатрешна архитектура.
Моментално живее во Цирих, Швајцарија со свршеникот, каде што се преселила пред повеќе од половина година.
Цирих е најголемиот град во Швајцарија и се наоѓа во северниот дел на земјата, покрај Циришкото Езеро.
Познат е по високиот квалитет на живот, чистата животна средина, силниот банкарски сектор и развиената инфраструктура. Има богата историја, универзитети од светски ранг и е дом на многу меѓународни компании и организации.
Во интервју за CRNOBELO.com открива како изгледа животот таму:
Колку време живееш во Швајцарија и како се одлучи на ваков чекор?
Во Швајцарија живеам веќе повеќе од половина година. Одлуката беше спонтана, но и многу промислена.
Главната причина беше љубовта, но истовремено и можноста за подобра иднина и кариера, во земја каде што квалитетот на животот е на исклучително високо ниво.
Поточно, првенствено причината што ме доведе овде беше љубовта. Мојот свршеник повеќе од 4 години живее тука.

Се разбира, важна беше и желбата за подобри можности за личен и професионален развој.
Паралелно со новиот живот овде, активно ги проширувам моите знаења во областа на project и product management.
Швајцарија нуди совршена рамнотежа помеѓу професионален развој, безбедност, природа и високи животни стандарди.

Се заработува ли добро за живот таму? Со што се занимавате со партнерот?
Да, се заработува многу добро, односно доволно за квалитетен живот и без грижи, иако трошоците се високи.
Јас во моментов сум насочена кон едукација и градење на кариера, додека мојот партнер работи во една од најголемите компании за безбедност во Швајцарија.

Долови ни го животот во Цирих…
Животот во Цирих е навистина префинет. Градот е исклучително чист, организиран и безбеден.
Инфраструктурата е беспрекорна, сè функционира точно, луѓето се навикнати да живеат во ред, а природата е нераскинлив дел од секојдневието.

Секој викенд нуди нова можност - било за прошетка покрај езерото, планинарење, или кратко патување во некоја од соседните земји.

Што те нервира кога ќе видиш најмногу на улиците, а што те радува?
Малку ме нервира тоа што луѓето понекогаш делуваат ладно и неемпатично, ретко покажуваат емоции.
Но, од друга страна, ме радува нивната среќа со животот, редот, чистотата, мирот и почитта што си ја имаат едни со други.
Секој детаљ од животот, како и самиот град, им е уреден и планиран, што го прави животот многу поедноставен и помалку стресен.

Се оди ли на кафе? Има ли дружби?
Да, секако. Многу често излегуваме на кафе или пијалак, особено викендите.

Но, за разлика од кај нас, тука сè мора однапред да се испланира - луѓето се премногу зафатени и секој си го знае распоредот неколку седмици однапред.
Спонтаноста е реткост, но тоа создава навика на организиран живот.
