Успешни Македонци низ светот: Стефанија Димеска е пилот во авиокомпанија во Италија
- Детали
- недела, 18 мај 2025
„Предизвиците се секогаш тука, и не е секогаш лесно. Како и патот до тука што не беше секогаш лесен. Но, сега го живеам својот сон“, вели Стефанија Димеска, професионален пилот во областа на бизнис авијацијата, и споделува детали за својата професија за CRNOBELO.com.

Стефанија Димеска, родена во Прилеп, e професионален пилот во областа на бизнис авијацијата.
Таа работи во авиокомпанија „SmallFly“ и живее во Италија.
„Small Fly“ е приватна авиокомпанија која нуди услуги за превоз на патници и товар, со логистички бази во Италија, Малта и Франција. Нивната мисија е да го направат приватниот авиопревоз подостапен за индивидуални и деловни клиенти.
За CRNOBELO.com таа споделува детали за својата приказна:
„Љубовта кон авионите и желбата да летам и да го гледам светот од високо ме водеа уште од мали нозе.
Така, денес работам за компанијата SmallFly и живеам во Италија.

Како и секоја друга професија, така и оваа, овозможува не само кариера, туку и динамичен стил на живот исполнет со постојани предизвици и нови искуства.
Работата е уникатна, во смисла дека нема фиксни рути за летање или предвидлив распоред.
Летовите се организираат согласно барањата на клиентите, често во последен момент.

Најчести дестинации се низ Европа, големи метрополи, но и помали градови, кои верувајте се магични и прават да се изненадите од убавината на овој свет.
Токму ова ја прави оваа професија возбудлива, бидејќи секој лет е нов предизвик и нова приказна.
Како пилот, мојата улога опфаќа темелна подготовка на летот. Што би значело тоа: процена на метео условите, комуникација со вработени од аеродромот за потребите на летот, подготовка на документација за истиот, подготовка на кетеринг (во зависност од барањата на клиентите), подготовка на авионот, и останати технички работи поврзани со летот.

Комуникацијата со клиентите е секогаш на професионално ниво. Безбедноста, точноста и удобноста на клиентите се најважни.
Со тоа, работењето во мала, професионална екипа создава чувство на блискост, доверба и ефикасност.
Летањето ми овозможува слобода. Слобода на избор, на динамика, на постојан раст и учење. Авијацијата генерално те учи на дисциплина, приспособливост и смиреност особено во најкомплексните ситуации. Како би рекле ние, „Со мирна глава“.
Секоја одлука е важна, секоја постапка прецизна, а секоја комуникација јасна и професионална.
Сето ова кога ќе се спои со погледот од горе, погледот на залез на сонцето или изгрејсонце, уф верувајте добива поинаква тежина, едноставно бесценето.