Фудбалерот Бојан Миовски за татковството: „Присуствував на раѓањето на синот, ја пресеков папочната врвца“
- Детали
- петок, 12 септември 2025
„Не бев спремен да ја пресечам папочната врвца, но жената што ја породуваше Сара ме викна и ме даде ножица во рацете - дефинитивно вредеше“, вели фудбалскиот репрезентативец Бојан Миовски за CRNOBELO.com, кој на 28 февруари стана татко на Матео.

Фудбалерот Бојан Миовски (26), кој веќе неколку години е дел од македонската репрезентација, од неодамна игра за Rangers FC во Шкотска.
Во Шкотска се пресели од Шпанија, заедно со сопругата Сара и со синот Матео, кого парот го доби на крајот на февруари 2025-та.
Момчето оттогаш е најважната личност во животот на Сара и Бојан.

А за тоа како се снаоѓа како татко на скоро 6-месечно бебенце, Бојан раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Бојан, се сеќаваш ли на моментот кога првпат го виде синот? Што ти помина во главата?
Да многу добро се сеќавам на глетката кога го видов мојот син првпат. Тоа беше неверојатно чувство.
Присуствував на породувањето на мојата жена Сара, зашто сакав да ѝ дадам поддршка.
Таа помина низ многу работи во тој период за да ми го донесе синот на овој свет, па мое беше да ѝ бидам поддршка и да бидам со неа во тие моменти.

Какво искуство беше да си во породилната сала?
Во тие моменти јас бев во шок, да бидам искрен.
Бев многу возбуден и сè се одвиваше брзо. Кога го зедов Матео во моите раце првпат, тоа беше неверојатно чуство, измешани емоции, нешто што ќе остане во мојата глава додека сум жив.
Јас дури ја пресеков и папоцната врвца, иако, да бидам искрен, не бев спремен на тоа, но жената што ја породуваше Сара ме викна и ме даде ножица во рацете, па не се двоумев да го направам тоа.
Дефинитивно вредеше.

Како се снаоѓаш во првите месеци како татко?
Да бидам искрен, изненаден сум како се снаоѓам како татко.
Очекував да биде полошо, но секогаш сакам да ѝ помогнам на мојата жена.
Во поголемиот дел од денот сум на тренинг, патувам на натпревари па таа е најчесто со Матео.
Но, кога сум слободен, нормално дека сум на располагање за помош.

Како помина вашето прво летување заедно?
Првиот фамилијарен одмор беше посебен и секогаш ќе се сеќавам на тоа.
Бевме неколку дена во родниот град Штип, а подоцна заминавме во Марбеља.
Навистина беше убаво да се биде на плажа со Матео и Сара.
Тоа време што го поминуваш со фамилијата е нешто неописливо.

Што научи ти од твојот татко, а се надеваш еден ден да му пренесеш на синот?
Јас од моите родители научив многу работи, а би издвоил неколку - пред сè да се биде добар човек, скромен и упорен во својата професија.
Ме научија и никогаш да не се откажувам од моите соништа, а секако, тие се најбитните работи во животот.
Се надевам дека добро ќе му ги пренесам овие работи на Матео.

На кого личи повеќе сега - на тебе или на Сара?
Матео, да бидам искрен, секој ден менува. Еден ден личи на мене, еден ден на мојата сопруга, навистина е интересен микс од мене и од Сара.
Но, за мене тоа не е битно. Само да биде жив и здрав, а нормално мора на некој да личи, па ние сме му родители ха, ха, ха.
