Д-р Билјана Црцарева, тироидолог: „Хашимото е ‘епидемија на 21 век’, нагло слабеење или дебелеење често укажуваат на проблеми со тироидеата“
- Детали
- среда, 22 октомври 2025
„При хипертиреоза тироидната жлезда создава повеќе хормони од што му се потребни на организмот, а при хипотиреоза - не создава доволно хормони. Симптомите се спротивни - кај хипертиреоза постои слабеење, течни столици, потење, срцебиење, тресење на телото, опаѓање на косата, а кај хипотиреоза се јавува зголемување на тежината, тврда или нередовна столица, чувство на студ, сува кожа со кршливост на косата и ноктите“, вели Д-р. Билјана Црцарева за CRNOBELO.com.

Д-р. Билјана Црцарева (47) е магистер по медицински науки, специјалист по нуклеарна медицина/тироидолог вработена во клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Со нејзиното долгогодишно искуство, таа им дава поддршка на многу пациенти од земјава кои се соочиваат со некои од болестите поврзани со тироидната жлезда и автоимуните заболувања.
Во разговор за CRNOBELO.com, таа одговори на неколку прашања поврзани со сиптомите и проблемите побрзани со тироидната жлезда, ни откри и која е разликата помеѓу хипертиреоза и хипотиреоза, но и зошто Хашимотото се нарекува „епидемија на 21-иот век“.
Прочитајте го интервјуто:

Кај нас постои верување дека од тироидеа заболуваат само жени. Дали е вистина и колку се мажите подложни на ова заболување?
Не, ова не е вистина. Состојбите/заболувањата на тироидната жлезда се јавуваат и кај мажите и кај жените, но разликата е во тоа што кај жените зачестеноста е поголема.
Последните податоци укажуваат дека соодносот маж наспроти жена во однос на овие проблеми е 1:10, односно еден маж наспроти десет жени.
Нема никаква разлика во однос на манифестирањето, односно симптомите се исти и кај жените и кај мажите.
А кои се симптомите што укажуваат на заболување на тироидната жлезда, кои пациентот може да ги забележи сам и пред да дојде кај вас на преглед?
Најчести и првични симптоми што се појавуваат и кои пациентите сами ги забележуваат се изразено слабеење, кое се јавува кај хипертиреозите (заболување каде што тироидната жлезда создава повеќе хормони), потоа течни столици, срцебиење, потење, тресење на рацете.
Спротивно на овие симптоми, кои исто така се забележуваат од страна на пациентите, е зголемување на тежината, кое се јавува кај хипотиреозите (заболување каде што тироидната жлезда не создава доволно хормони), тврда и нередовна столица, побавна работа на срцето, нерасположение.

Тироидеата често ја нарекуваат второто срце на жените. Зошто?
Морам да признам дека овој израз првпат го слушам од вас. Најчесто ја нарекуваат „диригент“ во телото бидејќи без нејзина нормална работа, ниту еден орган не може да функционира како што треба.
Но, има логика да се нарекува и „второ срце“, со оглед на тоа дека емотивната страна и тоа како е засегната кога таа не функционира добро, па можеби оттаму е и оваа споредба.
Знаете ли колку пациенти во Македонија имаат заболувања поврзани со тироидеата? Постојат ли податоци колку е овој број зголемен во изминативе години? И на што се должи ова?
Официјалните бројки за тоа колку пациенти имаат проблем со тироидната жлезда можат да се побараат од страна на Министерството за здравство каде што се води статистика за овие заболувања, како и од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина каде што се лекуваат најголем број од овие пациенти.
Бројката на годишно ниво се зголемува и тоа не е само тренд кај нас (иако во нашата земја заболувањата се од ендемски карактер), па последните официјални информации кои ги даде Интернационалната федерација за тироидни заболувања во септември оваа година е дека секој шести граѓанин во светот има некаков проблем со тироидната жлезда, или околу 60% од вкупната популација се соочува со некаков проблем на тироидната жлезда, а тоа најчесто е најмалку еден нодус на тироидната жлезда.
Доколку ги бараме причините за оваа состојба, ќе наидеме на повеќе: од фамилијарната предиспозиција, преку стресот во секојдневјето, до хормоналниот дисбаланс кај жените, автоимуните заболувања...
