Љубовната приказна на Љупка и Марјан: „Врската ни беше на релација Скопје-Копенхаген, ме запроси кај Прилепското Езеро“
- Детали
- понеделник, 08 јуни 2026
„Врската ни беше со пречекувања и испраќања на аеродром, броење денови до следната средба и многу патувања што денес ни се едни од најдрагите спомени, а запросувањето покрај Прилепското Езеро нема да го заборавам“, вели Љупка Велеска (31) од Свети Николе.

Љупка Велеска (31), фотограф, a работи и во трговија, ужива во љубовта со нејзиниот сопруг Марјан Велески (29), фотограф, но и инженер по прехранбена технологија, вработен во фирма во Скопје.
Љупка е по потекло од Свети Николе, а Марјан од Македонски Брод.

Љупка за нивниот однос вели:
„Две години е помлад од мене, но тоа не е пречка за нашата љубов. Секогаш кога нешто ќе сакам да добијам го користам оправданието: „Ајде помлад си среди го ова“ (ха-ха).
И двајцата сме луѓе што навистина ја сакаат својата работа и целосно се вложуваат во тоа што го работат.
Фотографијата за нас не е само професија, туку начин да зачуваме емоции и спомени што траат засекогаш.
Најмногу сакаме кога луѓето ќе ни ја доверат својата приказна, љубов или важен животен момент за ние да го овековечиме низ фотографии“.

Таа споделува детали за нивната љубовна приказна:
„Нашата љубовна приказна започна сосема случајно - преку Инстаграм.

Во периодот кога живеев во Копенхаген, а често доаѓав во Македонија, една обична порака прерасна во договор за фотосесија во Охрид.

Без да знаеме, токму таа фотосесија беше почеток на нашата љубовна приказна.

Во тој период нашето гледање најчесто беше на релација Скопје – Копенхаген.

Пречекувања и испраќања на аеродром, броење денови до следната средба и многу патувања што денес ни се едни од најдрагите спомени.

Можеби токму затоа и денес премногу сакаме да патуваме.
