Детално упатство за паничните напади, од личното искуство на 32-годишен Македонец


Детално упатство за паничните напади, од личното искуство на 32-годишен Македонец

Паничен напад ми се има случено: дома, во кафуле, диско, на состанок со девојка, на факултет, во автомобил, на работа, на предавање на тема „Справување со панични напади” – искрено раскажува Мартин Јовановски и ги споделува сите детали од неговото искуство.

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-01.jpg

Мартин Јованоски (32), магистер по економски науки, работи како овластен сметководител во постојниот семеен бизнис од областа на финансиско-сметководствениот консалтинг.

Во јавноста е познат по својата книга првенче „Зошто јас?“, книга посветена на анксиозноста, паничните напади и стравовите.  

Дело пишувано исклучиво од сопственото искуство во борбата со анксиозноста, паничните напади и депресијата, а мотивирано единствено од желбата да го поштеди читателот од сопствениот пекол.

Книгата ја истакнува важноста на менталното здравје и хигиена, а истовремено дава одговор на најважното и најчесто поставувано прашање : „Зошто јас?“

За CRNOBELO.com Мартин направи мини упатство за сите што се соочуваат со анксиозност, се разбира строго од неговот лично искуство:

Симптоми на паничен напад:

  • Нагло губење здив проследено со болка во градите
  • Тресење на екстремитетите
  • Гадење, повраќање
  • Потење
  • Забрзана работа на срцето
  • Дезориентираност
  • Силно чувство дека нешто лошо ќе се случи во блиска иднина
  • Ескалиран страв, опасност во најава
  • Страв од смртоносна болест и губење на разумот
  • Ужасно силен страв од смрт
  • Ситуации кои може да предизвикаат паничен напад:
  • Нови, непознати места
  • Нови, непознати луѓе
  • Гужви
  • Гласна музика, силни звуци и светла
  • Промени во начинот на живот, особено оние наглите
  • Подолготрајна, нетретирана анксиозност
  • Рокови, стрес, притисок

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-02.jpg

Дали луѓето од околината се свесни дека некој доживува паничен напад ?

Не баш, за жал...

Најчесто тие мигови може да ги забележи оној кој поминал низ истото. Честопати многу погрешно им се приоѓа на лицата кои водат борба со паничен напад и силна анксиозност. Ненамерно, секако.

За многумина е тешко да се поверува во силата со која паничниот напад удира, затоа се и чести коментарите „не ти е ништо, си замислуваш”, „само сакаш внимание”, „пак ли ќе умираш”...

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-07.jpg

Кога најчесто се случуваат паничните напади ?

Тешко е да се одреди. Индивидуално е...

Средбите, презентациите, новите познанства...Свадбите, бучните места, прославите... Сето тоа за мене беше тригер.

Баш оние мигови кога треба да си најопуштен, кога треба сè да е наједноставно, баш оние мигови кога треба само да си поминеш убаво. Тогаш удира, без најава, те треска од земја. Те праќа во итна помош или дома, ако имаш среќа.

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-11.png

Што треба да се направи во таква ситуација?

Има многу совети на оваа тема, од еден куп луѓе, многу навидум различни пристапи кои носат иста порака на крајот. Сè води кон тоа да пробаш да го контролираш, да го згаснеш, да го победиш...

Јас велам вака:

Изолирај се настрана со мислите

Набљудувај се себеси

Издвој се од тоа што ти се случува на телото и особено во умот

Не се бори со чувствата што те обземаат, остави ги нека го достигнат врвот

Нема да умреш, нема да ја изгубиш свеста, нема да спобудалиш...

Само гледај и остави, не војувај со себеси, таа битка е непотребна

Ќе мине, ќе се вратиш назад

И да се појави следен, ќе знаеш како треба

Секој нареден ќе е послаб и послаб, со време ќе се изгубат

Само запамети, не ги мрази паничните напади, така се мразиш себеси. Сакаат нешто да ти кажат, нешто да те научат. Само слушни ја пораката и ќе ги снема.

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-10.png

Каде сè ти се случило тебе да доживееш паничен напад ?

Не знам дали има место каде не сум доживеал паничен напад. Секогаш завршував во итна помош, докторите можат тоа да го потврдат.

  • Дома
  • Кафуле, диско
  • На состанок со девојка
  • Факултет
  • Во автомобил
  • На работа
  • На предавање на тема „Справување со панични напади”

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-03.jpg

Три совети за сите луѓе кои се соочуваат со панични напади?

Знам дека ви е ужасно, знам колку се силни, знам како е... Минуваат, нема да траат вечно, сум бил таму, верувајте ми за ова. Период е, фаза е, само не бидете тврдоглави. Прекинете ги рутините, нека не ве плаши светот надвор. Не е толку страшен, не е толку ужасен како што во нашите глави го замислуваме.

Самодоверба

Секогаш себеси на прво место

Морате, животот е краток, а никој не заслужува да го жртвувате најсветото. Прочистете го кругот околу вас. Избркајте сè што е негативно, сакајте се себеси и дозволете си секојдневие во кое уживате со себе и сопственото друштво.

Порака е, ништо повеќе, ништо помалку!

И анксиозноста, и стравовите, и паничните напади... Почнете од себе, по малку, една промена по друга. Ќе ви стане навика, ќе станете зависни од тој процес. Едно по едно, ќе ги тргнете оковите, ви ветувам.

Уште од денес!

Ќе завршам со истата реченица со која ставив точка на мојата книга и гордост, мојата „Зошто јас?”

Ќе бидеш добро, ти ветувам!

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-06.jpg

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-04.jpg

detalno-upatstvo-za-panichnite-napadi-od-iskustvoto-na-32-godishen-makedonec-05.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Симона Симионова | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Искуството на Блаже Аризанов: Неколку дена бил бездомен, патувањето му помогнало да се издигне Неговото име може да го сретнете на бизнис портали, форуми, конференции, анатема...
Затворање на рестораните, максимум 3-ца гости на ден: Македонец открива кои се новите мерки во Холан... Од начин на работа на локалите до носење маски, какви мерки преземаат холандскит...
„Како се вљубив во Македонец?“ - Девојки од разни земји во светот откриваат какви партнери се Македо... Шекспир со своите љубовни драми ги престави Италијанците како најроматични, Фран...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg