Врзани чадори и столчиња, пешкири потпрени со камења – Како се „резервира“ место на плажа во Грција (иако е забрането)?
- Детали
- четврток, 06 јули 2023
Врзани чадори и столчиња кои стојат на грчките плажи со денови додека туристите се на одмор. Пешкири и сламени постилки потпрени со камења од претходната вечер. И покрај предупредувањата на локалните власти, туристите не отстапуваат од својата навика за резервација на совршено место на плажа во Грција. Сцени од Полихроно и Пефкохори кои многумина ги осудија... Што мислите вие?
Во летниот период туристичките места и плажите во Грција и регионот се преплавени со туристи, а голем број од нив, со цел да си обезбедат убаво место наредниот ден имаат навика да оставаат пешкири и престилки во текот на ноќта или рано наутро, а некои одат дотаму што ги „паркираат“ реквизитите на плажа и ги врзуваат за да им го чуваат местото цело време додека се на одмор.
Со години наназад, локалните власти во некои од туристичките центри на Балканот, војна водат со ваквиот тип на „резервации“.
Едни воведуваат парични казни, а други пак, имаат задолжени служби за отстранување на сите лежалки, душеци и предмети што се оставени на плажите.
Неодамна на Фејсбук групата „Грчка инфо“ еден од корисниците објави дека бил изненаден од тоа што на плажа во Полихроно, многумина практикуваат претходната вечер да ги оставаат пешкирите на плажа за да си резервираат место.
Многумина во коментари потврдија дека ова е вообичаена практика на местата каде што плажата е мала или ако луѓето ги мрзи следниот ден да пешачат за да најдат место на плажа.
Други, пак, се жалат дека цената на лежалките е многу висока, (од 5 до 10 евра) па затоа никој не сака да плати и „си резервира“ место со крпа или сламена постилка и поголем камен.
„Во Пефкохори навечер во 22 часот ставаа сламени постилки за да си зафатат место и врз нив големи камења за да не им одлета“;
„Ставаат пешкири во 2 часот по полноќ, за да имаат место наутро, затоа што лежалките се многу скапи“;
„Тоа го прават и околу хотелските базени, првиот ден зафаќаат место за наредните 10 дена“ – стои во дел од коментарите.
Други, пак тврдат дека на местата каде што тие се наоѓаат има чувари кои водат сметка и по 20-тина минути, ако никој не се врати, ги тргаат пешкирите од лежалките и на тој начин ослободуваат простор.
Минатата година на Фејсбук страната на општината Пефкохори беше објавено соопштение во кое на 4 јазици (грчки, англиски, српски и руски) стоеше дека се забранува оставање на лични предмети во текот на ноќта или рано наутро со цел да се резервира место на плажа.
„Личните предмети ќе бидат одземени од страна на редарите и ќе ви бидат вратени откако ќе платите казна“ – стоеше во соопштението.
Како што пишуваат грчките медиуми, се случувало некои луѓе да ги прицврстат чадорите, лежалките и столчињата во песокот, па да не ги поместат од плажата цело време додека се на одмор.
Според градоначалникот на општината, Василис Стакинос, кој минатата година зборуваше за Радио Солун, ова не се случува само во Пефкохори, туку и на голем број други плажи на Халкидики.
Освен во Грција, со ваков проблем се соочуваа и локалните власти во плажите во Хрватска, па затоа, некои хрватски туристички центри со години наназад практикуваат да ги собираат сите пешкири и реквизити, што требало да послужат како „резервација“ од претходната вечер.
Така на некои места, лицата што оставиле пешкир и резервирале место може да платат казна од 80 до 200 евра, или до 1.300 евра за правни лица.
Како што пишува vecernji.hr голем број општини и градови во Хрватска веќе вовеле високи казни, а комуналните редари секое утро ги собираат личните предмети што се оставени на плажата и ги носат во склад, но нивните сопственици ретко доаѓаат да си ги земат.
Најчесто туристите свесни дека постои можност да им бидат одземени, на плажата оставаат стари крпи и ќебиња, а на крај не доаѓаат да ги подигнат.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: mikropragmata.lifo.gr
Би можело да ве интересира:





