Девојка се удавила во Црна Гора додека правела селфи – „за влакно“ избегната и друга трагедија со две деца
- Детали
- петок, 12 септември 2025
Вчера (11.09) во Црна Гора млада девојка се удавила, откако голем бран ја повлекол во морето. Поради лошите временски услови, спасувачите уште трагаат по нејзиното тело. Неполн час по пријавата за девојката, две деца залутале во морето со гумен чамец, но, за среќа, биле спасени.

Вчера во Црна Гора се случила трагедија, а „за влакно“ била избегната друга.
На полуостровот Луштица, девојка се удавила, додека во близина на градот Петровец, биле спасени малолетници кои залутале со гумен чамец во морето.
Како што пренесуваат српските и црногорските медиуми, девојката што загинала е од Врњачка Бања и била на одмор во Црна Гора.
Околу 15 часот, застанала на карпа за да се фотографира со своја пријателка, но силните бранови ја повлекле во водата.
Спасувачките екипи ја потврдиле смртта бидејќи на миг го забележале нејзиното безживотно тело. Но, поради лошите временски услови, не можеле да го извадат од вода.
Надлежните споделуваат дека вчера не успеале да ја лоцираат, па денес, во петок, продолжуваат со потрагата со чамци и хеликоптер.
„Првиот случај беше пријавен во 15:25 часот, кога Центарот за безбедност извести дека во заливот е забележано тело на удавена жена.
Поради неповолните временски услови и неможноста да испловат бродови, беа ангажирани нуркачи, со поддршка на чамец“.
И покрај напорите, вчерашната потрага се покажала како неуспешна, а уште нема информации за ситуацијата денес.
Неполн час подоцна, бил пријавен уште еден итен случај, во голема мера предизвикан од лошите временски услови.
Како што откриваат надлежните, две малолетни деца со гумен чамец залутале во морето, во близина на островче кај градот Петровец во Црна Гора.
„Вториот случај се случи околу 16 часот, кога беше пријавено дека две малолетни лица со гумен чамец отпловиле од Петровец кон островот Катич и се нашле во опасност“, откриваат надлежните.
За среќа, во вториот случај била избегната трагедија и децата безбедно биле вратени на брегот.
Надлежните апелираат туристите да бидат особено внимателни кога се на море, бидејќи ваквите трагедии можат да се избегнат.
„Особено во услови на силен ветар и бранови, да не ризикуваат и да не си го загрозуваат животот“.
Спирова С. | Црнобело
