Снежно невреме ја зафати Србија – апел и македонските туристи да внимаваат на замрзнатите патишта (фото+видео)
- Детали
- понеделник, 05 јануари 2026
Додека за повеќето, голем дел од Србија, вклучително и Белград, изгледаат како зимска бајка, надлежните апелираат за поголема внимателност на патиштата. Бидејќи наредните неколку денови се очекуваат уште врнежи од снег, препорачуваат да се одложат патувањата кои не се неопходни.

Додека ние се соочуваме со релативно високи температури за овој период од годината, голем дел под Србија е под снежна покривка.
Во Белград и околината веќе е активиран црвен метеоаларм поради снегот и мразот, а слична е ситуацијата и во западна Србија, Шумадија и источна Србија.
На повеќето места, врнежи од снег се очекуваат во текот на наредните неколку денови, а температурите веројатно ќе останат под нулата.
Во областите каде што нема снег, врне дожд кој поради ниските температури се смрзнува.
Иако за многумина Србија изгледа како зимска идила, надлежните апелираат за опасноста што ја претставуваат временските услови на патиштата.
Министерството за внатрешни работи на Србија вчера (04.01) објави и апел за сите учесници во сообраќајот:
„Во наредните четири денови се очекува дожд, влажен снег и замрзнат дожд, поради што коловозите можат да бидат лизгави и непредвидливи, особено во централните делови на државата.
Апелираме возачите без потреба да не тргнуваат на пат, а доколку патувањето е неодложно, да се осигурат дека возилото е технички исправно и опремено со зимска опрема, вклучително и ланци за снег.
Во празничните денови, кога на патиштата има поголем број возила, можно е забавено движење и повремени гужви. Во вакви услови, важно е да ја намалите брзината и да возете како што налага на состојбата на патот.
Возете смирено и без брзање. Целта на патувањето не е брзината, туку сигурното пристигнување“, стои во соопштението.
На Твитер, пак, корисниците веќе покажуваат како ги поминуваат снежните денови.
Дел од објавите во продолжение: