Ана Бекута исвиркана во Чачак - Граѓани ја гаѓаат со топки снег, пее од комбе за да го заврши концертот
- Детали
- среда, 14 јануари 2026
„Срам да ви е! Имате ли мајка? Имате ли сестра? Имате ли баба? Каде е полицијата? Дали полицијата работи нешто? Ние веќе нема да пееме и свириме“, рекла Ана Бекута по што се симнала од бината, но седнала во комбе и продолжила да пее.

Вчеравечер (13 јануари) се славеше православната Нова година, а на многу места во Србија беше организиран дочек со концерти на плоштадите.
Меѓу нив беше и концертот на фолк пејачката Ана Бекута во Чалак, но тој настап заврши со скандал - револтирани граѓани фрлаа топки снег кон неа и музичарите на бината и ја исвиркаа, но таа реши да продолжи да пее скриена во комбе.

Според локалните медиуми, незадоволството на граѓаните почнало од претходно, кога во јавноста се дозна дека за концертот се одвоени околу 4.5 милиони динари (што е околу 40.000 евра), пари, за кои сметале дека може да се пренаменат поради лошата финансиска состојба на многу Срби.
Па наместо да дојдат на концертот за да се забавуваат, голем број граѓани дошле за да го искажат своето незадоволство.
Тие ја исвиркуваат пејачката, покажуваат среден прст кон камерите, а потоа некои од нив почнале и да ја гаѓаат со топки снег, а неколку и ја погодиле.

По ова Бекута го прекинала концертот.
„Срам да ви е! Имате ли мајка? Имате ли сестра? Имате ли баба? Срам да ви е!
Каде е полицијата? Дали полицијата работи нешто? Ние веќе нема да пееме и свириме“, рекла Ана, по што се симнала од бината.

Неколку музичари, по инцидентот одбиле да се вратат на сцената, но Ана решила да испее до крај заради оние кои дошле да ја слушаат.
Но, наместо да се врати на сцената, таа продолжила да пее скриена во комбе поставено покрај бината.

Видеото додека Ана пее од комбето се споделува на социјалните мрежи.
„Каков крах на една кариера. Пееш од комбе. Може ли пониско од ова?“ пишува на видеото, со коментар дека „Чачак е светлината на Србија“ поради решителноста на граѓаните да го спречат скапиот настап на Бекута.
Кликнете за да ги погледнете видеата:
А. Ј. | Црнобело
