Најголемиот скандал на Олимпијадата во Сараево ’84 - Како газда Фахрудин го ограби актерот Кирк Даглас?
- Детали
- сабота, 07 февруари 2026
Приказната како Кирк Даглас за ќебапи во Башчаршија бил изманен и платил 5,4 милиони наместо 540.000 динари и денес е скандал од Зимската олимпијада во Сараево 1984 за кој се раскажува.

Далечната 1984 година во Сараево се одржаа првите и единствени Олимписки игри на просторот на Југославија.
Тоа се и првите ЗОИ на кои Југославија освои медал (словенечкиот алпски скијач Јуре Франко се закити со сребро во велеслалом).
Маскотата Вучко, пак, преку ноќ стана омилена на сите, а гласот ѝ го позајми легендарниот Здравко Чолиќ.

Сепак, овие ЗОИ беа обележани и со голем скандал кој се раскажува и денес.
Во зимата 1984 година, Југославија беше горд домаќин на 14-тите Зимски олимписки игри, а Сараево 12 дена беше центар на светот.
Многу познати личности дојдоа во Сараево во тоа време, а меѓу нив и познатиот холивудски актер Кирк Даглас. Но, една од најголемите актерски легенди не го запомни својот престој на Олимпијадата по убаво.
Меѓу сарајлиите, но и низ цела поранешна Југославија и денес, 42 години по ЗОИ во Сараево се раскажува приказната за непријатноста што ја доживеа Даглас во популарен ресторан во Башчаршија.

Во тоа време, списанието „Осумка“ објави вест дека Даглас бил ограбен - тој и неговите пријатели дошле да вечераат ќебапи во ресторанот „Уна“, во сопственост на познатиот сараевски угостител Фахрудин Шехиќ.
А Фахрудин, наместо да им наплати 540.000 динари за вечерата, ја зголемил сметката десетпати, па ќебапите му ги наплатил дури 5,4 милиони динари.
Сепак, за многу кратко време се дознало за неговата очигледна кражба преку сметката, па ресторанот веднаш бил затворен поради измама.
Сопственикот Фахрудин во тоа време тврдел дека е невин, но сепак, неговиот углед бил нарушен.

Сакајќи да ја покаже својата невиност, тој им покажувал на новинарите книга со впечатоци во која бројни познати гости се потпишувале и го фалеле ресторанот. Во неа немало поплаки дека сопственикот „ги дерел“ кога ја наплаќал сметката.
Фахрудин, пак, го обвинил келнерот за измамата.
„Тој ден околу пладне дојде еден Мате, рече дека е келнер од Риека. Бараше работа. А јас тие денови имав работа колку да сакаш, па го зедов да служи.
Дури не го ни пријавив како вработен, си помислив да го задржам ден-два додека трае Олимпијадата“, тврдел газдата.
Таа вечер во „Уна“ дошол Кирк со уште 7 свои пријатели. Газдата ги сместил на катот од ресторанот, јаделе ќебапи и се забавувале одлично. Сопственикот дури и ги поздравил и се сликале заедно.
