Нови мерки за спас од гужви на граница кон Грција – привремено ќе се стопираат биометриските проверки
- Детали
- вторник, 16 јуни 2026
Иако системот за биометриско собирање податоци нема да биде целосно прекинат летово, сепак според новата мерка на Грција, дозволено им е во пик часовите кога има најголеми гужви на Евзоини, да се суспендира и туристите да поминуваат само со пасош како порано, за да се спасат од огромните редици.

Како и секоја летна сезона, на граничните премини кон Грција има големи гужви, но оваа година, процедурата е дополнително отежната и чекањето зголемено, заради имплементацијата на новиот систем за влез и излез во земји од Европска Унија.
Заради овој систем, на граничните премини, освен пасошите како досега, дополнително се собираат и биометриски податоци, односно отпечатоци од прст и фотографирање на лицето, за туристи од земји кои не се членки на ЕУ.
Ова е причината заради која, посебно на граничниот премин Евзони, времетраењето на обработката на податоци за еден патник, се зголеми од 20-30 секунди на 2-3 минути.
Сезоната веќе е на големо започната, а туристите секојдневно споделуваат ситуација од граничните премини и долгите колони, што кај многумина дури предизвикува и страв дали воопшто да се нафатат на тој чекор.
Сепак, зависно денот, но и периодот од деноноќието, има и туристи кои поминуваат за максимум 30 минути, но и такви кои со часови чекаат на сонце.
Иако нема најави за целосно суспендирање на овој систем во текот на летната сезона, сепак според пишувањата на Kathimerini.gr, изгледа дека се применуваат такви мерки во периоди кога се создава голема гужва.
Според сведоштва на туристи кои дале изјава за грчкиот медиум, наводно има и такви кои поминале само со покажување на пасош, како во минатото, заради тоа што системот за биометриски податоци бил суспендиран на неколку часа, што било дозволено кога има огромни редици од автомобили и автобуси.
„Ја преземавме оваа мерка и ја имплементираме постојано во текот на пик часовите, кога има најголема гужва“ – изјавил заменик министерот за внатрешни работи во Грција и нагласил дека се прават напори да се отворат дополнителни шалтери и да се искористи подобро инфраструктурата, за да се растеретат гужвите.
М. М. | Црнобело