Aпел до родителите во Македонија од наша уметница: „Стоп за детските работилници со епоксидна смола - штетно е“
- Детали
- вторник, 03 јуни 2025
„Ве молам прочитајте внимателно! Се обраќам до сите вас не само како уметник што работи со епоксидна смола, туку и како човек што чувствува одговорност да предупреди. Во последно време слушам дека биле одржани работилници за деца каде се користи епоксидна смола. Ова ме загрижи длабоко, па чувствувам потреба да објаснам зошто ова не само што е несоодветно, туку и опасно...“, вели уметницата Елена Арсовска.
Елена Арсовска од Кратово изработува минијатури, претежно се со тема – традиционални софри со македонска традиционална храна, a нејзините изработки ги споделува и на Фејсбук.
Изработка на Елена Арсовска
Минијатурите ги изработува од полимерна глина, но користи и други материјали како дрво, платно, лим и сл.
Изработка на Елена Арсовска
Храната од полимерна глина ја моделира рачно, без употреба на калапи, така што секое најмало делче е посебно изработувано и е уметничко дело само по себе.
Изработка на Елена Арсовска
Таа повремено изработува и накит во повеќе техники.
При некои од изработките користи екопсидна смола, за која сега испрати моќен апел на социјалните мрежи.
Таа се огласи против сите кои користат епоксидна смола на детски работилници и стави фокус на штетноста на ова.
Изработка на Елена Арсовска
Инаку, епоксидна смола е вид на синтетичка смола што се користи за разни индустриски, занаетчиски и уметнички цели. Таа е двокомпонентен систем кој се состои од: епоксидна смола (течност) и заврстувач.
Кога овие две компоненти ќе се измешаат, започнува хемиска реакција наречена полимеризација, при што смолата се стврднува и создава цврст, тврд и траен материјал.
Објавата на Елена на темата гласи:
„ОПАСНОСТА СО ИМЕ: ЕПОКСИДНА СМОЛА
Ве молам прочитајте внимателно!
Драги пријатели,
Се обраќам до сите вас не само како уметник што работи со епоксидна смола, туку и како човек што чувствува одговорност да предупреди.
Во последно време неколку пати слушнав дека биле одржани работилници за деца каде се користи епоксидна смола. Ова ме загрижи длабоко, па чувствувам потреба да објаснам зошто ова не само што е несоодветно, туку и опасно.
Епоксидната смола е ТОКСИЧНА!
Таа е индустриска хемикалија со високо ниво на токсичност додека е во течна состојба. При мешање и работа, се ослободуваат испарувања кои не се видливи со голо око, но се исклучително штетни за здравјето.
Тие содржат супстанции како епихлорохидрин и бисфенол-А (BPA), за кои научните студии покажуваат дека можат да предизвикаат иритации на кожа и очи, воспаленија на дишните патишта, главоболки, мачнини, алергиски реакции, несвестица па дури и долгорочни здравствени проблеми како астма, други хронични нарушувања, а се смета и дека е канцерогена и може да придонесе во развивањето на рак на белите дробови.
Со епоксидна смола мора да се работи во соодветни услови, според правилата за употреба и никако, ама баш никако не би требало да се работи со и во присуство на деца.
Телото на детето е многу почувствително од телото на возрасен човек. Кожата им е потенка, дишат побрзо, а имунитетот им е понежен.
Тоа значи дека штетните супстанции полесно се апсорбираат и многу побрзо предизвикуваат последици.
Кај некои лица, вклучително и деца, дури и минимален контакт со епоксидна смола може да предизвика алергиска реакција која останува доживотно.
Тоа не е нешто што поминува или што телото ќе се навикне на него – станува збор за сериозен ризик кој трае цел живот.
Соодветната заштита при работа со епоксидна смола подразбира носење професионална маска со филтри (не платнена маска), нитрилни ракавици и работа во многу добро проветрена просторија или идеално – на отворено.
Дури и возрасни луѓе често прават грешки во користењето на заштита. Кај децата, заштитната опрема е практично невозможна – нема доволно ефикасни заштитни маски за мали деца, а тие ниту можат ниту треба да бидат изложени на вакви материјали.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





