Македонец тргна да трча од Соборен храм до Острог цели 600km за да собере пари за болни дечиња: „Ќе трчам по 30-40km дневно“
- Детали
- среда, 02 јули 2025
„Овој пат не трчам за себе. Трчам за сите деца кои се будат во болнички соби, не со соништа, туку со болка. Трчам за родителите кои со солзи бараат надеж. Трчам за живот...“, напиша Антонио Пандовски пред да тргне на најсветата патека во неговиот живот, како што вели тој самиот. Браво, горди сме на овој хуман Македонец!

Денес (02.07) по долготрајни подготовки Антонио Пандовски, вљубеник во трчањето, тргна во смела мисија. Тој со денови ќе трча за да стигне до манастирот Острог во Црна Гора.
Неговата цел е да собере средства преку донации за поддршка и помош на заболени дечиња.
Антонио треба да истрча 600 километри за да стигне до неговата крајна цел.

Еден ден пред да тргне Антонио на својот Фејсбук профил најави:
„Утре не започнува само едно патување. Утре започнува молитва во движење, подвиг што ја надминува мојата сила, но не и мојата Вера.
Од првиот чекор до последниот здив, трчам за оние кои денес ја водат најголемата битка за нашите мали херои.
Тие се мојата инспирација. Тие се моето „зошто“. Тие се хероите поради кои ќе трчам секој ден по 30-40 километри, без пауза, со срце што не се откажува.
Подвигот е посветен на љубовта. На жртвата. На надежта што не згаснува.
И затоа, ве повикувам од длабочината на моето срце: Ако сте во можност, дојдете утре во 07:30 часот пред Соборниот храм во Скопје. Дојдете да ме поддржите, да ме испратите со молитва, со прегратка, со љубов.
Вашето присуство ќе биде благослов за мене, но уште повеќе за децата чии насмевки се најчистото светло во мракот на болеста.
Трчам кон Острог. Но, во секој чекор ги носам сите деца, сите родители, сите срца што веруваат во добрината.
Нека Бог ја води мојата сила. Нека љубовта биде секој мој чекор. И нека победата биде нивна за живот, за детство, за иднина“.

