Ели од Струмица ослабе 43kg: „Уште како дете имав вишок килограми и проблеми со самодовербата“
- Детали
- вторник, 08 јули 2025
„Почнав чекор по чекор, ден по ден, наместо да се казнувам, почнав да се грижам за себе. По природа сум голем гурман, и сè уште уживам во храната, само што сега ја бирам со љубов, а не од навика“, вели Ели Двојаковска (23) од Струмица за CRNOBELO.com.

Ели Двојаковска (23) од Струмица, претприемач, ослабела 43 килограми, а за својата телесна трансформација зборува јавно за да ги инспирира и другите кои водат борба со килограмите.

За CRNOBELO.com Ели споделува детали за својата борба:
„Уште како дете се соочував со вишок килограми, што силно влијаеше на мојата самодоверба.
Често чувствував дека луѓето ме избегнуваат, а јас сонував за денот кога ќе наполнам 18 години и ќе заминам од местото каде што пораснав, надевајќи се дека таму ќе започне мојата промена.
Но, кога заминав, ме дочека реалноста на животот.
Почна пандемијата со Ковид, се преселив во нов град, во нова средина и сè се смени преку ноќ. Стресот од модерното време само се зголеми, онлајн предавања секој ден, тежок факултет и речиси никаков простор за себе.
Исхраната ми беше последна на списокот и, наместо да слабеам, килограмите се зголемија уште повеќе.
Се изгубив во целиот тој процес. Но, токму во тој мрачен период се појави можност.
Веројатно затоа што долго време копнеев по вистинска промена, и конечно одлучив да ја зграбам.
Најпрво решив да бидам отворена и да дозволам некој да ми помогне да ја започнам промената. Тоа беше најтешкиот, но и најважниот чекор.
Почнав чекор по чекор, ден по ден, наместо да се казнувам, почнав да се грижам за себе.
По природа сум голем гурман, и сè уште уживам во храната, само што сега ја бирам со љубов, а не од навика.
Научив дека клучно за успехот е да имаш заедница, луѓе што те разбираат и поддржуваат. Мораш да го тргнеш егото и да им веруваш на оние што веќе го поминале патот затоа слепо ги следев чекорите на мојата менторка.
Денес, имам повеќе енергија од кога било. Се чувствувам лесно, слободно како да можам да полетам!
Се заљубив во огледалото, но уште поважно си ја вратив самодовербата. А тоа нема цена.
Ако јас можев, можеш и ти. Немој да чекаш совршен момент. Почни со тоа што го имаш, таму каде што си.
Промената почнува кога ќе одлучиш да веруваш во себе“.



С. С. | Црнобело