Тетката на детето со маслинките за односот со него: „Од кога се роди Ведран (3), животот ми доби друга смисла“
- Детали
- четврток, 31 јули 2025
Ана зборува за нераскинливата врска помеѓу тетките и внуците... „Секој слободен момент гледам да го поминам со него. Имаме посебна врска. Ни требаат само неколку секунди за да се разбереме“.

Ведран (3) од Скопје стана хит со неговите искрени и забавни изјави, кои многумина слатко ги смеат.
Јавноста првпат дозна за Ведран, кога во видео од својата мајка бара 22 маслинки.
Со него стана вистински вирален хит, а сега има повеќе од 33.000 следбеници на својот Инстаграм профил, кој го води неговата тетка Ана Зикова (33) од Скопје, продажен агент по професија.

Ана за CRNOBELO.com проговори за односот со Ведран и како тој ѝ го збогатува животот:
„Од кога се роди Ведран, животот ми доби сосема друга смисла.
Се смени сè - приоритети, енергија, фокус.

Му се посветив целосно и со цело срце.
Не ми е тешко, не ми е обврска, напротив, ми е радост. Секој слободен момент гледам да го поминам со него.

Имаме посебна врска. Ни требаат само неколку секунди за да се разбереме.
Со него можам да бидам и сериозна, строга и разгалена. Понекогаш сум му учител, понекогаш сум му другар, а најчесто и двете во едно.

Не е дека никогаш не се разделуваме. Нормално е, има денови кога не се гледаме.
Ама еве, постои видео повик и така си ја пополнуваме дупката. Си се смееме, си кажуваме што сме правеле и чекаме да се видиме пак.

Тетка е улога што си ја прифатив со љубов, без да размислувам. И секој ден ми покажува колку е тоа нешто големо“.

С. С. | Црнобело