Поранешната девојка со емотивна објава, пријателите пишуваат убави спомени за Душко Чифлиганец: „Го сакаше животот, беше полн со елан“
- Детали
- понеделник, 04 август 2025
Поранешната девојка, Ева Заева, со која Душко Чифлиганец беше во врска неколку години, на Инстаграм Стори сподели емотивна објава - црнобела фотографија и скршено срце, дополнета со тажна балада од Bon Jovi. Блиските и пријателите на прерано починатиот бизнисмен се потсетуваат со убави зборови на него и се збогуваат.

Смртта на младиот бизнисмен Душко Чифлиганец (32), кој почина по повредите здобиени во мото-несреќа во Чешка, вчера ја потресе јавноста.
Откако беше потврдено дека лекарите не успеале да го спасат неговиот живот поради тешките повреди, пријателите, блиските но и луѓе со кои му се споил патот низ годините макар и на кратко, се простуваат од него на социјалните мрежи.
Сите тие имаат да кажат по некој убав збор за Душко, велејќи дека бил полн со живот, емпатичен, секогаш подготвен да помогне колку што може, насмеан и без его.

Тие во своите пораки жалат што прерано згасна неговиот живот.
Поранешната девојка, Ева Заева, со која беше во врска неколку години и со која често одеа на патувања низ светот, на Инстаграм Стори сподели емотивна објава.
На фотката, таа и Душко се во автомобил, а нивните раце се споени високо во воздух. Црнобелата фотографија ја дополни со емотикон скршено срце, но и баладата Always од Bon Jovi.

Музичарот Перо Камиказа од „Меморија“ сподели свое сеќавање за Душко.
„Заедно вежбавме во Александар Палас. Беше уште од мал посветен на тренинзите и за годините имаше одлични резултати.
Заедно во Будимпешта го истрчавме твојот прв полумаратон. Но ја делевме и страста кон двете тркала. Не можам да верувам дека замина толку рано мали.
Да ти е светол патот кон вечниот дом. На семејството, искрено сочувство“, напиша тој на Фејсбук.
И Перо Антиќ сподели фотографија и порака „Почивај во мир, брату“.

