Александар (29) ја запроси Ива (22) на плажа во Келн: „Имавме пауза, но се вративме посилни - љубовта секогаш триумфира“
- Детали
- среда, 20 август 2025
„Пред 1 година имавме краток прекин во врската, но токму тоа време ни покажа колку навистина си значиме еден на друг и се вративме посилни, а запросувањето е симбол на нашата љубов. Кога стигнавме на плажата, пред мене се отвори глетка која ми го одзеде здивот, атмосферата беше толку романтична што на моменти мислев дека сонувам“ - раскажува Ива за CRNOBELO.com.

Љубовта секогаш наоѓа начин да победи – без разлика на сите предизвици, растојанија или паузи, а токму таква е приказната на Ива (22) и Александар (29) од Скопје.
Тие си докажаа дека и покрај малите испитувања на судбината, љубовта е вредна за секоја борба и секогаш триумфира.
Александар ја запроси саканата Ива во Келн на плажа, со романтична декорација со црвен тепих, големо срце со натпис „Ќе се омажиш ли за мене?“ и многу црвени рози.
За CRNOBELO.com Ива накратко ја раскажува нивната љубовна приказна, но споделува и впечатоци од запросувањето:
„Со Аце се запознавме пред 6 години, сосема случајно, а уште на првиот разговор почувствувавме дека меѓу нас постои нешто посебно.
Нашата љубовна приказна не беше секогаш совршена – пред една година имавме краток прекин во врската, но токму тоа време ни покажа колку навистина си значиме еден на друг.
Се вративме посилни, со уште повеќе љубов и разбирање, а денес сме среќни што љубовта навистина победи.

Запросувањето се случи на плажа во Келн, и тоа беше најмагичниот момент во мојот живот.
Тој ден изгледаше сосема обично – шетавме низ Келн, јас се сликав, се шегувавме, и немав апсолутно никаква претстава што ме чека.
Цел пат чувствував дека Аце е некако понапнат од обично, но мислев дека е уморен, ништо повеќе.

Она што денес прави да се смеам е тоа што ден пред запросувањето, сосема случајно, му ја побарав раката и ја ставив мојата врз неговата.
Со насмевка му реков: „Чекај да видам како е кога ќе ставам прстен“.
Не знаев дека само еден ден подоцна навистина ќе добијам прстен – и тоа најубавиот, баш онаков каков што отсекогаш сум сонувала.

Кога стигнавме на плажата, пред мене се отвори глетка која ми го одзеде здивот.
На песокот беше послан црвен тепих, околу нас имаше расфрлани срциња и рози, а атмосферата беше толку романтична што на моменти мислев дека сонувам.
Имаше многу луѓе на плажата, но јас ништо не забележував – во тој момент го гледав само него.

Аце ми ја зеде раката, клекна пред мене и извади букет од црвени рози во кои беше скриен прстенот.
Срцето ми чукаше толку силно што имав чувство дека сите го слушаат. Во очите му ја видов тремата, но и огромната љубов.
Кога ги изговори зборовите „Сакаш ли да бидеш моја сопруга?“, едноставно заплакав од среќа.
Прво не можев да кажам ништо, а потоа со најискреното „ДА“ ја прифатив најубавата одлука во мојот живот.

Она што го направи моментот уште посебен беше сознанието дека Аце го имал прстенот купен цели три месеци порано.
Тој, заедно со моите две најдобри другарки, го чувал сето тоа време – сите знаеле, освен јас и моите родители.

Кога им се јавивме на моите родители веднаш по запросувањето, нивната реакција беше нешто што никогаш нема да го заборавам.
Тато, со солзи во очите и глас полн со возбуда, рече: „Чекајте деца, ме удри, земјотрес од 9 степени!“.
Мама и тато плачеа од радост, исклучија и пак се јавија после две минути – сè уште во неверување дека нивната ќерка е побарана за жена.

Александар накратко ја раскажува и својата страна:
„Прстенот го купив три месеци порано и секој ден го гледав со возбуда, чекајќи го вистинскиот момент.
Знаев дека Ива отсекогаш сонувала за вакво запросување – романтично, со цвеќиња, црвен тепих и многу љубов.
Сакав да ѝ приредам нешто што ќе го памети засекогаш. Денот кога требаше да се случи, искрено, имав огромна трема.
Секој чекор со неа низ Келн тој ден ми изгледаше како вечност. Кога конечно клекнав и ја видов како плаче од среќа, знаев дека тоа е најправилната одлука во мојот живот.
Тој миг никогаш нема да го заборавам“.

„Ова запросување е доказ дека љубовта е најсилната сила. Сите околу нас знаеле и биле дел од изненадувањето, освен мене. И токму тоа го направи моментот толку совршен.
Сега со нетрпение го очекуваме денот кога ќе ја крунисаме нашата љубов со брак и ќе започнеме ново поглавје – исполнето со љубов, смеа и соништа што заедно ќе ги градиме“ - завршува Ива.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело