Македонка организираше тајна венчавка во црква за родителите, по 30 години брак: „Двајцата заплакаа од среќа“
- Детали
- среда, 01 октомври 2025
„Во договор со брат ми им ги украдовме од дома документите што ни беа потребни, закажавме црква на денот на нивната годишнина, се јавивме на кумовите да се ослободат и да не кажуваат ништо на моите“ - вели Анамарија, која заедно со брат ѝ Александар им организирале тајна венчавка во црква на родителите.

Анамарија Јаневски и нејзиниот брат Александар им организирале венчавка во црква на родителите Даниела и Душко на 30-годишнината од нивниот брак.
Знаејќи дека родителите сакаат да се заколнат на љубов пред Бога, откако тоа не го направиле додека биле млади, двете деца решиле да ги изненадат и да им ја исполнат големата желба.

Купиле вел, бурми, ги договориле кумовите, поканиле гости, а потоа, со изговор дека одат во кафеана, ги донеле пред црквата во Сарај, каде што ги чекале најблиските.

За тоа како тајно ја организирале црковната венчавка на родителите, но и за бурата од емоции која ја предизвикале кај нив, Анамарија раскажа за CRNOBELO.com:
„Ние сме по потекло од Тетово, ама живееме во Скопје веќе 23 години.
Пред 3 месеци, кога јас правев свадба, случајно дознав дека моите не се венчани во црква и кога ги прашав зошто, ми одговорија дека кога биле млади немале можност, дека тоа нон-стоп го одложувале, а сега кога веќе се постари им е срам.
И оттогаш мене во глава само ми се вртеше како и кога да им организирам да се венчаат во црква без да знаат.

На 24 септември им е годишнина и баш оваа година правеа 30 години од брак, па тоа беше идеална прилика.
Во договор со брат ми им ги украдовме од дома документите што ни беа потребни, закажавме црква на денот на нивната годишнина, се јавивме на кумовите да им кажеме да се ослободат за тој ден, ама да не кажуваат ништо на моите.

Бидејќи не знаеме кои им биле сведоци за матичното кога се потпишувале, ние на своја рака им одбравме нови старосвати, луѓе со коишто се дружат многу.
Се јавивме и на уште некои наши роднини и пријатели за кои знаевме дека моите би сакале да се тука на тој ден. Вкупно бевме околу 30 луѓе.

Јас, како женско си ги ставив повеќето обврски да бидат мои, како бирањето бурми, материјалите, закажување кафеана после црква, нарачав торта и погача и сè што си следуваше за целата церемонија.
Моите не знаеја ништо бидејќи сите пријатели и роднини беа известени ништо да не кажуваат.

Исто така, им кажав дека тој ден сум на потпишување кај другарка и ако нешто планираат да знаат дека јас нема да можам, бидејќи секоjа година претходно се собираме на ручек заедно за нивната годишнина.
