Ненад Сињори за семејната традиција правење зимница: „Сите имавме своја задача – од лупење пиперки до макање од тенџере“
- Детали
- четврток, 02 октомври 2025
„Сакавме и децата да ја почувствуваат традицијата и магијата. Се собра целото семејство во дворот кај мојата сопруга, а секој имаше своја задача – од мелење и мешање, до најслаткиот дел, мачкањето од тенџерето со топол леб и сирење. Направивме ајвар, лутеница и вино“ - вели Ненад за CRNOBELO.com за семејната традиција на правење зимница.

Ненад Пантовиќ (33) од Скопје, познат како Ненад Сињори по неговиот моден бренд, ужива да поминува моменти со своето семејство и да создава спомени за цел живот.
Летово тој ни раскажа дека со сопругата и децата кампуваат во камп во Охрид и Грција, а откако ја завршија летната сезона, започнаа со правење зимница.

Оваа традиција му била врежана во сеќавањето од неговото детство, па сакал да ја пренесе и на своите деца и да им ја покаже магијата на собирање на цело семејство, со родители, баби и дедовци, каде секој има своја задача, но и гастрономско уживање на крај.
За CRNOBELO.com Ненад накратко ни раскажува за семејното правење зимница, а споделува и рецепт:
„Секој септември има еден мирис кој ме враќа назад во детството – мирисот на печени пиперки. За мене тоа не е само подготовка на зимница, туку вистинска слика на едно поинакво време - комшии кои си помагаат, смеа во дворот и трпеза која ги собира сите.
Како дете, зимницата значеше цел ден игра надвор додека возрасните печеа и лупеа пиперки. Најслаткиот момент беше кога ќе нè повикаа да пробаме од тенџерето – со топло лепче и сирење. Тој вкус и ден-денес остана незаборавен.

Оваа година решивме повторно да ја оживееме традицијата, но со една посебна цел, да им создадеме спомени на нашите деца.
Сакавме и тие да ја почувствуваат магијата што нè поврзува со нашите родители и баби и дедовци. Се собра целото семејство во дворот кај мојата сопруга, каде што заеднички работевме и се забавувавме.

Секој имаше своја задача – од мелење и мешање, до најслаткиот дел, мачкањето од тенџерето. Децата со насмевка собираа дрва, пробуваа да мешаат и уживаа во секој миг.

Направивме ајвар и лутеница, а покрај тоа и вино – традицијата кај нас секогаш е повеќе од само една зимница. Тоа е ритуал на дружење, на заедништво, на вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација.

Вкупно земавме околу 100 килограми пиперки и 10 килограми модар патлиџан. Сето тоа, кога ќе се сомеле, се зачинува со околу 600 грама сол и 4 литри масло кое постепено се додава додека се пржи. На крајот, ајварот се става во тегли и останува за целата зима – но првата топла лепиња секогаш се мачка веднаш од тенџерето.
Затоа за мене ајварот не е само храна, тоа е носталгија, тоа е семејна приказна која ја градиме повторно, за нашите деца еден ден да се сеќаваат на истите мириси, вкусови и моменти исполнети со љубов“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
